Почетокот на Светското фудбалско првенство во Русија е повод за интервју со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, Олег Шчербак, кој дава одговори на редица прашања поврзани со овој спортски настан што несомнено ќе го преокупира вниманието на целиот свет во следните 30 дена, но секако неизоставен дел од разговорот се и политиката и актуелните домашни и глобално политички случувања

Дали сте страстен љубител на фудбалот и дали ќе следите некој натпревар во живо од Светското првенство во Русија?
– Имам голем интерес за фудбал и се стремам колку што можам да придонесувам за промовирањето на оваа прекрасна игра. Во 2017 година Амбасадата на Русија одржа турнир меѓу екипите на дипломатските претставништва акредитирани во Македонија. Во турнирот исто така учествуваа екипите на Министерството за надворешни работи на Македонија и на Министерството за одбрана. Поради тоа што сум доајен на дипломатскиот кор во вашата земја пехарот за кој се бореа екипите доби назив Пехар на доајенот. Овој турнир, на кој прв победник беше екипата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, им се допадна на нашите колеги и годинава го одржавме повторно. Овој пат победи екипата на Амбасадата на Италија, и јас од сѐ срце му ја честитам таа победа на капитенот на екипата и вешт стрелец, н.е. г. Карло Ромео. Не испуштам можност да посетувам натпревари на руски и на македонски тимови, гледам клучни мечеви на главни фудбалски турнири. Секако, заедно со милионите мои сограѓани ќе навивам за репрезентацијата на Русија и очекувам да уживам во вистинското СП. Нашата амбасада организира во Скопје, во хотелот „Русија“, заедничко следење на ТВ-преносот на мечот на отворањето на првенството, натпревари со учество на руската репрезентација, како и на финалето. Ги покануваме сите да ни се придружат.

Сметате ли дека Русија има сили да се пласира меѓу најдобрите четири репрезентации, со оглед и на тоа што ќе игра на домашен терен и пред свои навивачи?
– Конкуренцијата ќе биде многу голема, на таквите турнири нема слаби тимови, сите сакаат да се борат и да победат. Затоа пласманот во секое следно коло ќе биде голем успех за руската репрезентација. И покрај тоа што нашата актуелна и многу млада репрезентација нема доволно искуство од учество на таквите големи турнири, сепак, има една сериозна психолошка предност – руските фудбалери ќе играат дома, а дома, како што се вика во Русија, и ѕидовите помагаат. Во секој случај, цела Русија од своите фудбалери очекува достоен настап и убав фудбал.

Како го оценувате рускиот фудбал моментно?
– Се потсетувам на една популарна шега. Сега сите се експерти во политиката, во фудбалот и во медицината. Не сакајќи да претендирам на улогата на фудбалски аналитичар, можам да кажам дека во Русија има многу талентирани играчи и самобитни клубови, кои се конкурентни и на европските и на меѓународните првенства. Во рејтингот на националните лиги на УЕФА, руското национално првенство според резултатите сезонава ја освои шестата позиција, пред нас се само првенствата на таканаречената голема петка, Англија, Германија, Шпанија, Италија и Франција. Наши клубови постојано се пласираат во плејофот на главните европски турнири, Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Не е за изненадување и тоа што руското првенство високо се рангира меѓу познатите странски играчи и селектори, кои со задоволство доаѓаат да тренираат и да играат.

Кога би можеле, што би менувале во фудбалската игра за да биде уште подинамична и позанимлива за спортската јавност?
– Во изминатите години нивото на играта се изедначи. Сега речиси сите многу добро играат фудбал и која било „на хартија“ слаба репрезентација е способна да направи сензација и да го победи фаворитот. Истовремено, според мене, клупскиот фудбал сега е премногу комерцијализиран, што го прави порационален и попредвидлив. Мојата генерација се сеќава на времето кога парите и маркетингот не одлучуваа за сѐ, а екипите можеа да освојат елитен трофеј не поради тоа што купуваат најдобри играчи од целиот свет, туку благодарение на своите сопствени ученици и неповторливиот стил на игра. Но денес такво нешто се случува многу ретко. Сметам дека ќе му ги додаде на фудбалот спортскиот дух и чесноста една нова технологија што првпат ќе биде употребена на СП во Русија – моментно повторување на кој било миг од играта. Очигледно е дека оваа револуционерна технологија ќе овозможи да се отстранат грешки на судиите, кои понекогаш ги разочаруваат навивачите, а тоа значи дека фудбалот ќе стане поинтересен.

Што значи домаќинството на СП за Русија?
– За Русија, СП претставува важен и долгоочекуван настан, за кој се подготвувавме неколку години. Грандиозниот размер на направената работа изненадува. Беа изградени и реновирани не само нови повеќефункционални стадиони во 11 града од земјата, туку и тренинг-центри, аеродроми, хотели и многу други објекти, вклучувајќи ги и тие што се од хуманитарен карактер. На пример, малку кој знае дека во Москва во центрите за социјална адаптација луѓето што се најдоа во тешка животна ситуација ќе имаат можност да ги гледаат натпреварите и дури да учествуваат во специјален фудбалски турнир организиран по повод почетокот на првенството. Друг малку познат факт е тоа што Организацискиот одбор на СП и Руското министерство за спорт ги обврзаа сите градови во кои ќе се одржат натпреварите да го решат проблемот со кучињата скитници, да изградат нови прифатилишта и да ги реновираат старите. И буквално не е возможно да се набројат сите такви промени на подобро. Светското првенство не стана поттик само за развој на рускиот фудбал и спорт, туку и за социјално-економски пораст. Создадени се илјадници нови работни места, уникатна спортска, транспортна и туристичка инфраструктура, која ќе им служи на луѓето и по завршувањето на Мундијалот. Важно е и другото – првенството стана катализатор на позитивен емотивен подем во руското општество.
Според мене, сведоштво за многу голем општествен интерес за првенството, а и за зрелоста на нашето граѓанско општество, е тоа што околу 150 илјади наши граѓани се пријавија за волонтери на првенството. Од тие 150 илјади, на крајот беа избрани 17 илјади. Исто така, СП во фудбал е уникатна можност на светот да му се покаже Русија во целата нејзина големина, убавина и разноликост.

Дали беа направени некои измени во правилата за престој на странските државјани на територијата на Русија за време на СП? На пример, има ли олеснета постапка за добивање виза за навивачите или можеби беа преземени некои други мерки?
– Навивачите што ќе дојдат кај нас на првенството не треба да вадат виза. Тоа правило важи и за државјаните на Македонија. Гледачите што планираат да го посетат турнирот треба да имаат пасош и т.н. лична карта на навивачот во хартиена или во електронска верзија. Личната карта може да се извади доколку се има билет за натпревар. Притоа на територијата на Русија се организирани специјални комфорни возови, кои ќе ги пренесуваат навивачите меѓу градовите каде што ќе се играат натпреварите. Би сакал да истакнам дека временскиот период за влегување во Русија со личната карта на навивачот изнесува 10 дена пред почетокот на првиот меч на првенството, а за излегување изнесува 10 дена по одржувањето на финалето. Особено би сакал да им се обратам на тие љубители на фудбалот што ќе патуваат во нашата земја со автобуси преку Белорусија. Според руското законодавство, границата помеѓу Русија и Белорусија се преминува само по автопатиштата М1 (Минск – Москва), Р23 (Киев – Санкт – Петербург) и А240 (Гомељ – Брјанск). Притоа возачите треба да имаат руска и белоруска виза.

Дали ја следите македонската фудбалска репрезентација и дали таа може наскоро да се пласира на некое големо натпреварување? Што би било клучно за еден таков исчекор?
– Следам, и понекогаш со големо задоволство. Жално е што македонската репрезентација не успеа да се пласира на ова СП, иако на некои мечеви играше квалитетен и спектакуларен фудбал. Денес имате многу млади талентирани играчи, порасна перспективна генерација фудбалери, кои уште ќе се докажат, тоа е само прашање на време. Ќе ми биде многу драго доколку репрезентацијата на Република Македонија во 2020 година игра во четврт-финале на Европското првенство, и тоа да биде на пример во Санкт Петербург, каде што ќе се игра еден од натпреварите од тоа коло.


Користење на спортот во валкани игри

Неизоставен дел од разговорот е секако и политиката. Пред Светското првенство на Запад многу се зборуваше дека Русија нема да успее во организацијата на турнирот. Што би можеле да одговорите на таквата загриженост кај критичарите?
– Искрено, таквите шпекулации веќе одамна не се изненадување за нас. Сето тоа се тврдеше и пред Зимската олимпијада во Сочи, која потоа стана една од најдобрите, ако не е најдобра, во делот на организацијата, и пред Купот на конфедерациите, и во врска со изградбата на Кримскиот мост, со еден збор, така се зборуваше за секој грандиозен проект што го реализира Русија. И секој пат нашата земја не само што ги демантира скептичните прогнози туку воспоставува нови стандарди на квалитет на одржување на големите меѓународни настани. Искрено, жално е што западниот информативен мејнстрим падна на ниво на највулгарни „страшни приказни за мали деца“, за да ја поткопа довербата кон Русија како домаќин на првенството. Сето тоа е продолжување на кампањата, која е без преседан и има цел користење на спортот во валкани политички игри. За среќа, милионите навивачи што дојдоа кај нас на СП, меѓу другото, и од земјите чии власти најактивно повикуваа на бојкотирање на првенството во Русија, имаат друго мислење, спротивно на русофобските ставови на нивните влади. Фудбалот е спортски празник што мора да биде надвор од политиката.


Тие што фантазираат за тоа добиваат добри пари, но дали тие фантазии му се потребни на народот на Македонија?

На крајот едно прашање што не е поврзано со Светското првенство, но секако е од поширок јавен интерес. Како би можеле да ја процените тековната состојба на билатералните односи меѓу Македонија и Русија или, со други зборови, кој е ставот на Москва за тековните геополитички случувања поврзани со Македонија?
– Веќе морав да кажувам дека одлуката за протерување на рускиот дипломат донесена од раководството на вашата земја под надворешен притисок беше кусоглед и непријателски чин, кој секако го отежна порано стабилниот и позитивен развој на целиот комплекс на односите меѓу нашите две држави. Таквиот пресврт во настаните кај нас предизвикува жалење, кое, колку што јас знам, го споделуваат и мнозинство граѓани на Македонија. Притоа принципиелниот став на Русија останува непроменлив – зрела и заемно корисна политичка, трговско-економска и хуманитарна соработка им одговара на интересите на нашите две земји и нивните народи, а е во интерес и на зацврстување на мирот и безбедноста во регионот. Исто така, очигледно е дека успешно партнерство може да се гради само врз основа на заемно почитување, заемно водење сметка за интересите и без мешање на „трети земји“. Истите принципи ја опфаќаат и тематиката на натамошен развој на билатералните односи, како и регионална и меѓународна агенда, меѓу другото и проблемите со гаранции на безбедноста во Европа. Во тој контекст ние не го криеме нашиот негативен однос кон перспективата на натамошно проширување на агресивниот воено-политичкиот блок НАТО, кој е виновен за разрушувањето на Југославија, Ирак, Либија и на низа други држави, а сега поттикнува трка на вооружувања и конфронтација со Русија.
Важно е да се биде свесен дека вклучувањето на вашата земја во таквата агресивна алијанса и притоа по цена на ограничување на својот национален идентитет на никој начин не ѝ гарантира на Република Македонија просперитет и безбедност, но сигурно ќе доведе до дополнителни воени трошоци, нови внатрешни, регионални и геополитички ризици. Во секој случај, поради тоа што станува збор за судбинско прашање, односно како во рацете на НАТО да биде предаден во суштина националниот суверенитет и тоа ги засега интересите на сите граѓани на вашата земја, процесот на зачленување во овој блок и на решавање на проблемите поврзани со него треба да се одвива строго во согласност со Уставот, а самата одлука да се донесува на национален референдум. Темелна организација би можела да исклучи можности за манипулирање со јавното мислење и гласовите на луѓето. Токму на тој начин и само на тој начин треба да дејствува државата доколку се смета за правна и демократска.
И последно, Русија спроведува отворена и чесна политика, никому не му се заканува и не претендира на некој регион од светот како на зона на свое исклучително влијание. Уште еднаш морам да повторам дека шпекулациите за некоја руска закана, како и за неопходноста Македонија, Западен Балкан и цела Европа да се бранат од „агресијата на Русија“, „рускиот гас“ или од „хибридното руско влијание“ се само плод на бујната фантазија на нивните автори, кои се опседнати со целта Македонија и целиот Балкан по секоја цена да ги втурнат во НАТО. Со тие што фантазираат сѐ е јасно, за тоа добиваат добри пари, но дали тие фантазии му се потребни на народот на Македонија? Примерот на низа соседни земји покажува дека штом тие влегуваат во НАТО, заинтересираноста за нив веднаш исчезнува, а ветуваните големи инвестиции и просперитет се претвораат во празни зборови.