На денешен ден во 1863 година е формирана првата фудбалска асоцијација на светот, таа на Англија, кога се донесени и првите унифицирани правила на денешниот најпопуларен спорт во светот

Точно пред 155 години фудбалот се појави на светската спортска сцена со формирањето на првото фудбалско здружение на светот, познатата Фудбалска асоцијација (ФА), задолжена за „убавата игра“ во Англија. На 26 октомври 1863 година, во Лондон е одржан состанок на 11 претставници на клубови од пошироката околина на Лондон, по иницијатива на Ебенезер Коб Морли (1831-1924), фудбалер и адвокат од Хал. Тој стана првиот секретар, а подоцна и претседател на ФА (1867-1874), но најмногу е познат по тоа што ги напиша првите фудбалски правила. Така, Морли не е познат само како татко на ФА, туку многумина го сметаат за татко на фудбалот. Како прво фудбалско здружение на светот, ФА во своето име го нема зборот Англија.

На првиот состанок на ФА учествувале претставниците на Барнс, Цивил сервис, Крусадерс, Форест од Лејтонстоун (подоцна стана ФК Вондерерс), Безимениот клуб од Килбрн, Кристал палас (не сегашниот премиерлигаш), Блекхит, Училиштето Кенсингтон, Сарбитон, Училиштето Блекхит, како и Чартерхаус, кој го испратил својот капитен, но клубот подоцна одбил да се приклучи на ФА. Многу од овие клубови сега не постојат или играат рагби. ФК Цивил сервис, кој сега настапува во Јужната аматерска лига, е единствениот од основачите на ФА што уште постои и игра фудбал. Само три институции од 1863 година и сега се членови на ФА – Цивил сервис, Училиштето Форест и Кралскиот колеџ од Вимблдон.

Приказната за фудбалското здружување почна дваесетина години претходно, а беше забрзана и со формирањето на сега најстариот фудбалски клуб, ФК Шефилд, во октомври 1857 година, потоа и со формирањето други во годините потоа. Во тие години фудбалот бил игран според повеќе различни правилници (со многу сличности со рагбито, дозволена било носење на топката со раце и удирање на противникот), но Морли ја почувствувал потребата од унификација и од модернизација и ги обединил разните правила и идеи во првите правила на фудбалската игра. Тоа се случило дури по шест состаноци на ФА, на 8 декември 1863 година. Со нив фудбалот тргнува по сопствен пат, одвојувајќи се од рагбито, иако и во тие први правила била дозволена игра со рака (не и трчање со топката во раце), но било забрането удирање и соборување на противникот.

Ниту основачите на фудбалот не знаеле точно како ќе изгледа новата игра, па на 19 декември 1863 година бил организиран првиот демонстрациски фудбалски меч, помеѓу Барнс и Ричмонд. Средбата завршила со реми, 0-0. Во првите години фудбалската игра немала многу приврзаници. Членството било мало, а водечките авторитети често биле игнорирани. Можеби клучниот момент за популаризацијата се случил на 20 јули 1871 година, кога било одлучено да се организира Челинџ-купот на ФА. На поканата за учество одговориле 15 клуба, што било разочарувачка бројка, оти во тоа време имало 50 клуба членови на ФА. Првата сезона во Купот се покажа трусна, со повлекувања, па, така, само 12 клуба одиграа само 13 меча. Во финалето, Вондерерс го победи клубот Кралски инженери со 1-0 пред 2.000 гледачи, во меч опишан од спортскиот весник како „пријатен натпревар“. Денес Купот на ФА е најстарото клупско натпреварување во светот.

Наскоро фудбалот почнал да се шири во Британија, па од 1873 до 1880 година се формирани ФА на Шкотска, Велс и на Ирска. Првите фудбалски федерации во остатокот од светот се создадени во Данска и во Холандија, во 1889 година, а надвор од Европа прва била Фудбалската федерација на Нов Зеланд, во 1891 година. По ова фудбалот почна да се тркала низ целиот свет, а во Македонија стигна во 1909 година, кога бил одигран првиот натпревар.

Денес фудбалот не само што е најпопуларен спорт во светот туку тоа е и вистинска високопрофитабилна индустрија. 


Седум години игра со рака, девет без корнери, 12 без пречка на голот…

Од формирањето на Фудбалската асоцијација следуваа многу измени на правилата на игра во следните 150 години. Така, на пример, во 1870 година е воведена комплетна забрана на игра со рака (дозволено само за голманите), од 1872-та се изведуваат корнери, во 1875 година е поставена пречка на голот (дотогаш имало лента), пеналот бил воведен во 1891-та, во тоа време се појавиле и судиите (во почетоците фудбалот бил џентлменска игра, а недоразбирањата ги решавале капитените), во 1897-та е специфицирано дека тимовите имаат по 11 играчи и се игра 90 минути, во 1901 година на голманите им е дозволено во секоја пригода да играат со рака (дотогаш само за одбрана на голот), од 1920 година нема офсајд по изведен аут, од 1924-та е дозволен гол од корнер, во 1937-та е нацртан полукругот над шеснаесетникот, од 1938-та играч може да биде исклучен поради сериозен прекршок, во 1970 година се воведени жолти и црвени картони, од 1992 година голманите не смеат со раце да фатат топка намерно вратена со нога од соиграч, во 2012 година е воведена технологија на гол-линијата, од 2016-та почетниот удар може да биде во кој било правец, од годинава се употребува системот ВАР итн.