Никогаш во досегашната историја односите и врските помеѓу ЕУ и САД не биле толку затегнати како сега. И двете администрации најавуваат царински војни, воведуваат санкции и жестоко се инаетат зголемувајќи ги царинските давачки, притоа однесувајќи се силно протекционистички. Сепак, тоа не влијаеше на одличната соработка помеѓу европските фудбалски клубови и американските инвеститори, која наспроти сѐ е интензивирана во последниве месеци. Политичарите не успеаја да ѝ наштетат на најубавата светска игра. Во прилог на ова зборуваат следните факти…

Италијанскиот фудбалски клуб Милан летово го презема американската инвестициска компанија „Елиот“, која има цел да го подигне на здрави нозе овој заспан гигант. Тие продолжија по патот на Рома, која веќе 5-6 сезони успешно ја води американскиот бизнисмен Џејмс Палота. Ако, пак, се свртиме кон Премиер-лигата, каде што се најзастапени американските сопственици, повторно слична приказна, каде што од неодамна уште еден клуб од Островот доби сопственик, кој е од другата страна на Атлантикот. Тоа е лондонски Арсенал. Имено, „топџиите“ преминаа во рацете на американскиот милијардер Стен Кронке, откако ги откупи акциите на Русинот Алисер Усманов, досегашниот малцински акционер.

Кронке ќе му плати на Усманов 29,5 илјади фунти по акција, а наедно подигна и кредит од Дојче банк во износ од 557 милиони фунти. Кронке и Усманов со години се бореа за целосна контрола над Арсенал, така што е интересен потегот за продажба на Усманов токму во овој период. Притоа, тој го одби и местото во управниот одбор на клубот, понудено од Кронке. Најверојатно Усманов доби вакви „препораки“ од Москва, кои имаат врска со аферата со труењето на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал. Ова ќе биде првпат во историјата на Арсенал само еден човек да го има клубот во свои раце. Но ова сценарио не е баш најсреќно решение за навивачите, пред сѐ за влијателните АСТ (Вистински поддржувачи на Арсенал), кои поседуваат три акции од клубот. Тие беа жестоки критичари на Кронке, наведувајќи дека преземањето на Арсенал од страна на Американците претставува суден ден за клубот!

Многу бргу ќе видиме дали навивачите имале право. Уште еден вид успешна соработка помеѓу клубовите од Стариот Континент и Американците, може да се воочи во примерот на Интернационалниот куп на шампионите. Тука учествуваат 18 најголеми и најбогати европски тимови, а натпреварувањето се одржува во претсезоната на територијата на САД. Овој турнир се организира заради популаризација на фудбалот во Америка, а се разбира и заради одличната заработка. Интернационалниот куп на шампионите е инициран и финансиран од страна на мултинационалната медиумска компанија „Релевант“.

Но тие не се задржаа само на ова. Со оглед на фактот дека фудбалот станува сѐ попрофитабилен бизнис и нуди одредена сигурност, „Релевант“ отиде и чекор понатаму во поврзувањето со европскиот фудбал. Тие потпишаа 15-годишен договор со шпанската Ла Лига, почнувајќи од идната сезона, според кој ќе бидат одиграни неколку натпревари на терените во САД и Канада. Тоа ќе биде најголемата промоција на европскиот фудбал во Средна и во Северна Америка, а наедно и можност американските навивачи да ги видат во живо некои од најдобрите светски фудбалери и уште повеќе да се заинтересираат за фудбалот како спорт. Првпат натпревари од првата шпанска лига ќе бидат одиграни надвор од Европа, а целиот проект е наречен „Ла Лига Северна Америка“. Организаторите ќе го поддржат развојот на лигата преку основање младински академии, развој на младински тренери и маркетиншки договори. Компанијата „Релевант“ е основана од Стивен Рос, кој наедно е и газда на Мајами долфинс, клуб од Националната рагби лига (НФЛ) на САД.

Нивниот стадион „Хард Рок“ би можел да биде прв домаќин на овој единствен настан. Основањето на Интернационалниот куп на шампионите беше полн погодок во секој поглед, особено кога станува збор за исполнети стадиони, така што истото тоа, ако не и повеќе, се очекува и од „Ла Лига Северна Америка“. Ова ќе биде новитет за Америка, имајќи предвид дека досега тие беа главните „извозници“ на спортови во светот – американски фудбал (МЛС) се игра во Јапонија, кошарка (НБА) во Африка, Азија и Европа, рагби (НФЛ) во Мексико, хокеј на мраз (НХЛ) во Азија – така што ќе биде возбудливо да се набљудува натпреварувањето од тој аспект и да се видат реакциите на американските и европските власти, кои нема да можат да воведат царински давачки на „трчањето по топка“.