Кинеските тимови тренираат за новата кампања, но многубројни странски играчи и тренери уште се во своите земји и прашање е кога би можеле да пристигнат во Кина. Проблемите со кои се соочува Кина, една од првите земји што го суспендираа фудбалот, може да бидат увид во иднината за другите лиги во целиот свет

Поради ширењето на коронавирусот низ целиот свет, и со играчи раштркани насекаде и со маки како да се вратат назад, Кина открива дека играњето фудбал не е толку едноставна работа. Проблемите со кои се соочува Кина, една од првите земји што го суспендираа фудбалот и епицентарот на пандемијата, може да бидат увид во иднината за другите лиги во целиот свет, пишува францускиот РФИ.
Кинеската суперлига (КСЛ) беше предвесник на распадот на глобалниот спорт, кога официјалните лица во јануари објавија дека датумот за почетокот, 22 февруари, е одложен на неодредено време.

Минатата недела имаше најави дека мечевите во КСЛ би можеле да почнат на 18 април, односно на 2 мај. Но тогаш следуваше првиот потврден случај на коронавирус во кинескиот фудбал, на Бразилецот Дориелтон, фудбалер во втората лига, што ја стави Кина повторно со состојба на аларм. Потоа и поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Белгиецот Маруан Фелаини, сега во Шандонг Луненг, стана првиот познат случај во КСЛ. Двајцата биле позитивни откако се вратиле во Кина од странство.
Пред неколку дена угледниот „Фудбал њуз“ напиша дека сезоната во Кина сега ќе се одложи најрано за крајот на мај или за почетокот на јуни.

Другите фудбалски лиги низ светот што се суспендирани поради коронавирусот ќе следат како КСЛ се обидува да се рестартира, но долготрајната закана од инфекции не е единствениот проблем.
Кинеските тимови тренираат за новата кампања, но многубројни странски играчи и тренери уште се во своите земји и прашање е кога би можеле да пристигнат во Кина. Оние што ќе се враќаат, ќе треба да заминат во изолација две недели во случај да се заразени.