Момент од натпреварот Астон Вила - Шефилд

Во Премиер-лигата на празни стадиони се одиграа првите два меча во продолжението од сезоната.  Фудбалерите со едноминутно молчење им оддадоа почит на починатите од коронавирусот, а со клекнување на колена го поддржаа движењето „Црните животи се битни“

По 100-дневнa пауза продолжија натпреварите во Премиер-лигата со два меча, Астон Вила – Шефилд (0-0) и Манчестер сити – Арсенал (3-0). Тие се одиграа на празни стадиони, а ги одбележаа неколку работи, како што беа едноминутното молчење во знак на почит кон починатите од коронавирусот, клекнувањето на колена во знак на поддршка на движењето „Црните животи се битни“ во борбата против расизмот, пишува „Би-би-си“.

Двата меча беа пренесувани во живо на телевизија. Навивачите што ги гледаа тие мечеви дома (како и следните) имаат две опции, да слушаат вештачка бучава или да ги слушаат оригиналните звуци на теренот и од клупата за резервни играчи. Анкетата на „Би-би-си“ покажала дека мислењата во врска со тоа се поделени. Но неподелени се ставовите дека фудбалот без публика не е она вистинското и оти навивачите и нивните реакции се назаменливи.
На мечот во Бирмингем беше направена една голема технолошка грешка. Во првото полувреме затаија видеогол-технологијата, или хок-ај, и судијата Мајкл Оливер и неговите помошници, кои не реагираа кога топката ја мина гол-линијата на Вила. Не реагираше ниту ВАР, бидејќи не добил сигнализација од судиите! Операторот задолжен за техниката се извини за грешката, објаснувајќи дека такво нешто првпат се случило на досегашните 9.000 натпревари на кои бил во употреба.

Но сето тоа не му значи ништо на Шефилд, кој стана жртва на првата посериозна судиска неправда во продолжението од сезоната и остана без два бода, кои може многу да му недостигаат во борбата за излез во фудбалска Европа.
Бранителот на титулата Манчестер сити, без многу мака го совлада Арсенал со 3-0, на мечот во кој беше исклучен „топчијата“ Давид Луиз.

Тој стана првиот играч што бил исклучен, бил виновник за досуден пенал и направил грешка што довела до гол за противникот, по Карл Џенкинсон од Вест Хем на мечот против Борнмут во август 2015 година. Луиз сезонава направил четири пенали во Премиер-лигата, со што може да се „пофалат“ уште Жозе Фонте 2016/2017, Гери Калдвел 2011/2012, Ибрахима Сонко 2007/2008, Клаус Лундеквам 1999/2000, Кен Монкоу 1993/1994 и Лук Нијхолт 1993/1994-та.