Предводени од Расел Слејд, поранешен менаџер на Кардиф, 850 играчи бараат компензација за тргувањето со нивните податоци за перформансите во изминатите шест години и годишен надоместок од компаниите за каква било идна употреба на податоците, пишува „Би-би-си“

Повеќе стотици професионални фудбалери во Велика Британија најавија правни дејства против индустријата за собирање податоци, што може да го промени начинот на употреба на тие информации, пишува „Би-би-си“. Предводени од Расел Слејд, поранешен менаџер на Кардиф, Лејтон ориент и на Јеовил таун, 850 играчи бараат компензација за тргувањето со нивните податоци за перформансите во изминатите шест години и бараат и годишен надоместок од компаниите за каква било идна употреба на податоците, пишува „Би-би-си“.
„Писма пред акција“ се испратени до 17 големи фирми. Станува збор за податоци од бројот на постигнати голови по натпревар, до височината на играчите. Правниот тим на Слејд истакнува дека фактот што играчите не добиваат надомест за нелиценцирана употреба на нивните податоци е во спротивност со правилата на Општата регулатива за заштита на податоци (ГДПР). Надоместокот за користење на податоците можеби ќе нема поголемо влијание врз најплатените играчи во Премиер-лигата, но Слејд смета дека за оние што се на дното на пирамидата, ќе големи придобивки.
– Неверојатно е каде сѐ се користат податоците. За еден играч, не зборувам за играч од Премиер-лигата, дури и од Чемпионшип, туку за играч од пониската лига, имаше околу 7.000 информации – вели Слејд.
Употребата на податоци во спортот не е нешто ново. Собирањето, дистрибуцијата и употребата станаа основен дел од модерниот спорт. Од „Би-би-си“ велат дека веќе се водат слични дискусии и во други професионални спортови. Поранешниот репрезентативец на Велс, Дејв Едвардс, вели дека тоа е шанса за играчите да имаат поголема контрола врз начинот на кој се користат информациите за нив. Откако стана јасно дека податоците станаа битен дел од модерниот фудбал, тој верува дека правата на играчите за тоа како се користат информациите за нив треба да бидат во првите редови на секоја идна употреба, пишува „Би-би-си“.