Самјуел Умтити не погреши ниту еднаш

Светскиот шампион Франција беше убедлива против Исланд, 4-0, во меч во кој Умтити, покрај постигнатиот гол, имал 107 точни додавања од 107 обида. Актуелниот европски првак Португалија ремизира со Србија, 1-1, а Англија и во 2-то коло, сега на гости кај Црна Гора, постигна пет гола (5-1)

Актуелниот европски првак Португалија не забележа победа ниту во вториот квалификациски натпревар за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година, група Б, одново на домашен терен. По ремито во петокот со Украина (0-0), Португалците не успеаја да ја совладаат ниту Србија, играјќи 1-1.

Мечот го обележија две битни работи за Португалците, повредата на бутниот мускул на Кристијано Роналдо во 29 минута и недосудениот пенал во второто полувреме по играњето со рака на Антонио Рукавина. Судијата, Полјакот Симон Марчинијак, прво досуди пенал, но потоа ја смени одлуката по објаснувањето на Рукавина дека топката го удрила во нос, а не во рака. Португалците на последните 20 меча дома претрпеа само еден пораз (13 победи и шест ремија), а Србија ја продолжи серијата на непобедливост на седум меча едноподруго, притоа примајќи го првиот гол на последните четири гостувања.

Франција, светскиот првак и европски вицепрвак, го декласира Исланд со 4-0. Стрелците на головите, Самјуел Умтити, Оливие Жиру, Килијан Мбапе и Антоан Гризман, имаа импресивни статистички показатели на овој меч. Умтити во првиот дел имаше 66 точни додавања, а на крајот неверојатни 107 од 107. Жиру се искачи на третата позиција според бројот на постигнати голови за „триколорите“, 35.

Поефикасни од него се само Мишел Платини со 41 и Тиери Анри со 51 погодок. Мбапе на 20-годишна возраст, на 169 официјални натпревари во сите категории, има 91 гол и 48 пати асистирал, што значи дека бил инволвиран при постигнувањето гол на секои 83,5 минути. Во случајот со Гризман, пак, е податокот дека кога тој постигнал гол, Франција никогаш не била поразена, а ефектот е 22 победи и две ремија.

Англија и во вториот меч постигна пет гола. Прво „петка“ постигна против Чешка на „Вембли“ (5-0), а потоа и со Црна Гора, на гости во Подгорица (5-1). Ова беше и петта победа по ред под водство на селекторот Герет Саутгејт, што последен пат на Англичаните им успеало во 1984 година, кога ниту еден од актуелните репрезентативци не бил роден. Рахим Стерлинг ја продолжи голгетерската серија постигнувајќи го петтиот гол на последните четири натпревари. За постигнување на претходните седум гола му беа потребни 31 натпревар.