Французите беа подобри од Белгија во првото полуфинале (1-0), па в недела, во финалето на СП 2018 во Москва, ќе играат со Хрватска или со Англија. Како и во 1998 година, кога станаа светски прваци, Французите имаат тројца одбранбени играчи меѓу стрелците (Павар, Варан и Умтити, сите во нокаут-фазата)

Франција ја совлада Белгија со 1-0 во првиот полуфинален дуел на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија, во Санкт Петербург, и обезбеди место во големото финале, в недела во Москва. Противник на Французите ќе им биде победникот од синоќешниот дуел Хрватска – Англија.
Франција третпат ја победи Белгија на СП, повеќе отколку која било друга репрезентација. Пред 20 години, Франција ја освои првата титула светски првак со победата над Бразил со 3-0, а капитен на тој тим беше сегашниот селектор Дидие Дешам, кој има шанса да им се придружи на Бразилецот Марио Загало и на Германецот Франц Бекенбауер, кои биле светски шампиони и како играчи и како селектори. Франција беше финалист и на СП 2006, но тогаш беше поразена од Италија, на пенали. Само Германија (осум) и Италија (шест) имаат повеќе настапи во финалињата на СП од Франција (три) меѓу европските земји.

И на овој меч, како и на повеќето на СП во Русија, доминираа тактичкото надмудрување, тимската игра и физичката подготвеност, над техниката и индивидуалните квалитети. Загуби репрезентацијата што имаше поголем посед на топката, Белгија (64 насто), од ривал чија игра беше базирана на контранапади. Белгијците имаа теренска иницијатива, која се покажа јалова, бидејќи шутираа девет пати кон голот на Уго Лорис, наспроти 19-те удари на Французите кон голот на Тибо Куртоа.
Французите постојано се обидуваа да го пронајдат брзоногиот Килијан Мбапе, кој беше главната закана по голот на Куртоа, но победоносниот гол го постигна центархалфот Самјуел Умтити со глава, по прекинот и корнерот во 51 минута. Тоа беше 158-ми гол на ова СП и 69-ти (или 44 насто) гол постигнат по прекин на играта (пенал, корнер или слободен удар). Првпат по 1998 година и по Биксенте Лизаразу, Лоран Блан и Лилиан Туран, тројца одбранбени играчи на Франција постигнуваат голови на СП (сега тоа се Бенжамин Павар, Рафаел Варан и Самјуел Умтити, сите со клучни голови во нокаут-фазата).

Партнерот на Мбапе во нападот, Оливие Жиру повторно потфрли, и понатаму е без постигнат гол на СП и покрај 13-те удари на досегашните пет натпревари. Но Дешам има доверба во него и тој најверојатно ќе го задржи местото во почетните 11 за финалето, иако на клупата за резервни играчи ги има Осман Дембеле или Томас Лемар. На мечот со Белгија не блескаше ниту Антоан Гризман, кој е директно вклучен во постигнувањето на 13 од вкупно 20-те гола за Франција на големите натпреварувања СП или на ЕП (девет гола и четири асистенции).
Белгијците, разбирливо, беа разочарани по поразот, а имаа и многу забелешки за стилот на играта на Французите, за нивната негативна одбранбена тактика што Тибо Куртоа ја нарече „антифудбал“.
– Нивниот напаѓач играше на 30 метри од својот гол. Одеа на корнери, на прекини и гледаа само како да се одбранат. Помалку ќе ми беше жал да бевме елиминирани од Бразил, репрезентација што сака да игра фудбал – изјави Куртоа.
Еден Азар беше уште покритичен: „Повеќе сакам да загубам со тим каков што е Белгија, отколку да победам со една ваква Франција“.