Премиер-лигата, Англиската фудбалска лига, Фудбалската асоцијација и Здружението на професионални фудбалери, начелно се согласија за формирање фонд за поддршка на играчите што имаат деменција и други невродегенеративни состојби

АНГЛИЈА

Фудбалските власти во Англија се блиску до договор за формирање т.н. нацрт-акциски план за борба против деменцијата. Премиер-лигата, Англиската фудбалска лига, Фудбалската асоцијација и Здружението на професионални фудбалери (ПФА), начелно се согласија за формирање фонд за поддршка на играчите што имаат деменција и други невродегенеративни состојби, пишува „Би-би-си“.
Здружението на професионални фудбалери уште пред две години апелираше за ваков вид поддршка, но новиот извршен директор на синдикатот, Махета Моланго, изјави дека посветеноста во однос на нивото на поддршка уште не е договорена, бидејќи треба да се разбере „големината на проблемот“. Моланго вели дека параметрите мора да се разработат со семејствата. Во однос на тоа кога би почнала финансиската помош, Моланго истакна дека работата ја смета за „итна“, но и оти не може да ја процени временската рамка.

– Внатрешно, ПФА ќе почне многу сеопфатен проект за трансформација на податоците. Паралелно, она што им го предложивме на другите засегнати страни е да се почне конкретен проект за податоци, за да се идентификува големината на проблемот. Не гледам причина зошто овој проект не би можел да почне во следните неколку недели. Во исто време, ПФА сака да биде сериозна, софистицирана институција, која прави работи засновани врз науката. Во оваа фаза тешко ми е да одредам временска рамка. Но кога ќе видите како состојбата на некои им се влошува од ден на ден поради оваа ужасна болест, не може и не смее да се чека – вели Моланго.
Во октомври 2019 година, Здружението на професионални фудбалери ја повика Премиер-лигата да помогне околу трошоците за нега, по што следуваше студија. ПФА претходниве години беше критикувана за пристапот кон повредите на мозокот во фудбалот. На крајот од минатата година, ПФА формира работна група за деменција за да го испита прашањето за болестите на мозочните повреди во фудбалот. Во соопштението, ПФА истакна дека деталите за фондот ќе бидат откриени „кога фудбалските семејства што живеат со деменција ќе потврдат дека предлогот ги задоволува нивните потреби“.