ФИФПРО продолжува да се залага за регулирање на периодите за одмор меѓу сезоните, во средината на сезоната и за минималните периоди на закрепнување меѓу натпреварите

Мислам дека гласовите на играчите не смеат да се игнорираат. Тоа е во интерес на сите. Играчите очекуваат да седнат на заедничка маса, вели генералниот секретар на Светската федерација на фудбалери (ФИФПРО), Jонас Баер-Хофман.
Објавата на европската суперлига го засени воведувањето на новиот формат во Лигата на шампионите (ЛШ) со 36 екипи од 2024 година, што ќе значи четири натпревари повеќе по клуб во споредба со сега. Баер-Хофман, смета дека од витално значење е да се консултираат и фудбалерите за тоа, а во врска настаните околу суперлигата вели: „Од една страна беа клубовите, кои не ги информираа играчите за тоа што се случува и потоа ги оставија да се соочат со реакцијата на медиумите и на јавноста, иако тие немаа никаква одговорност околу одлуките. Од друга страна, веднаш уследија заканите дека може да им биде забрането да играат на европско или на светско првенство. Тие во суштина беа искористени како пиони во играта водена од комерцијален интерес„.
ФИФПРО продолжува да се залага за регулирање на периодите за одмор меѓу сезоните, во средината на сезоната и за минималните периоди на закрепнување меѓу натпреварите.
– Играчите треба да бидат во најдобра форма кога играат, а тоа едноставно не е можно 80 пати годишно. Календарот е многу хаотичен – вели Баер- Хофман.