Џани Инфантино

ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПАНДЕМИЈАТА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) обезбеди 1,5 милијарда долари помош, донации и заеми за помош на секоја од 211-те членки на ФИФА, како и на остатокот од фудбалската заедница погодена од пандемијата на коронавирусот.
– ФИФА едногласно го одобри планот за помош од 1,5 милијарда долари – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, по виртуелниот состанок со советот, до челниците на фудбалската организација, додавајќи дека ФИФА ќе спроведе строга контрола при распределбата на средствата.

Секоја од 211-те членки ќе добие донација од еден милион долари и дополнителни 500.000 долари исклучително за помош на женскиот фудбал. Секоја континентална конфедерација, пак, ќе добие по два милиона долари.
На федерациите ќе им биде достапна и друга помош во вид на заеми без камати, кои ќе можат да достигнат до 35 отсто од приходите на секоја федерација.

Минималниот износ на секој заем ќе биде 500.000 долари, а максимумот пет милиони долари. Покрај тоа, секоја конфедерација ќе може да добие заем до четири милиони долари.