ФИФА формира работна група, која треба да разгледа огромен број прашања предизвикани од суспендирањето на натпреварите низ светот, поради пандемијата на коронавирусот. Првата задача би требало да бидат начините на кои може парично да им се помогне на тие што најмногу се погодени од кризата

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги разработува деталите за справување со финансиските загуби предизвикани од пандемијата на коронавирусот, која сигурно ќе резултира со зафаќање од резервите од 2,745 милијарди долари, објави „Ројтерс“.
ФИФА формира работна група, која треба да разгледа огромен број прашања предизвикани од суспендирањето на натпреварите низ светот, поради пандемијата на коронавирусот. Првата задача би требало да бидат начините на кои може парично да им се помогне на тие што најмногу се погодени од кризата.
– Свесни сме дека постојат сериозни финансиски проблеми поради коронавирусот. Ова се заканува да ги наруши работата и функционирањето на земјите-членки на ФИФА и на другите, како што се лигите и клубовите во секој поглед, кои треба да развиваат, финансираат и да водат фудбалски активности на сите нивоа, од професионално, аматерско и младинско. Голем број лица вработени во фудбалот ќе бидат доведени во екстремно тешка економска ситуација – изјави за „Ројтерс“ портпаролот на ФИФА, додавајќи дека „поради одличната финансиска состојба ФИФА има обврска да помогне“.

Точниот формат и деталите за оваа помош допрва треба да се одлучат, но за неделава се закажани дополнителни консултации со конфедерациите и со други заинтересирани страни.
Од Светската фудбалска федерација велат дека иако остануваат да бидат решени голем број прашања за тоа како ќе се реализира планот и како ќе се дистрибуираат парите, целта е целата шема да биде „договорена и објавена во блиска иднина“.
Изборната кампања на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во 2016 година, вклучуваше планови за редистрибуција на ресурсите. Тогаш тој изјави: „Парите на ФИФА се ваши пари, не се пари на претседателот на ФИФА“, пишува „Ројтерс“.

Минатата недела „Ројтерс“ објави внатрешен документ на ФИФА, кој покажа дека работната група ги проценува предлозите тековните договори за играчите и за тренерите да бидат продолжени до крајот на одложените сезони во домашните шампионати. Во документот стои препораката дека ФИФА ќе го користи својот новосоздаден Фонд за професионални играчи за да помогне во олеснувањето на сите тешкотии со кои ќе се соочат клубовите.