ФИФА ќе има 51 отсто удел во целата зделка, а Организацискиот комитет на СП во Катар 49 отсто

Светската фудбалска федерација (ФИФА) и домаќинот на Светското првенство (СП) во 2022 година, Катар, здружени ќе работат на што подобра организацијата на финалниот турнир. ФИФА ќе има 51 отсто удел во целата зделка, а Организацискиот комитет на СП во Катар 49 отсто, објави „Ројтерс“.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, уште во 2016 година изјави дека ФИФА ќе има поголема контрола околу билетите и непосредната организација на СП, додавајќи оти таквата одлука била поттикната заради подобрување на ефикасноста, пишува „Ројтерс“.

Досега локалните организациски комитети на СП беа оставани главно самостојно да работат, а ФИФА правеше периодични инспекции на нивната работа и на напредокот, нешто што понекогаш доведуваше до тензии. Почнувајќи од 2026 година на северноамериканскиот континент, ФИФА сама ќе биде одговорна за одржување на настанот без учество на трите земји-домаќини, САД, Мексико и Канада.

Во периодот на подготовки за СП 2014, тогашниот генерален секретар на ФИФА, Жером Валк, ги разлути домаќините, Бразилците, велејќи дека треба да им се удри „клоца“ за да ги забрзаат работите, пишува „Ројтерс“. Генералната секретарка на ФИФА, Фатма Самура, изјави дека новата поставеноста на работите е „голем чекор“ напред во организацијата на турнирот.

– Заедничкото вложување има цел да го реорганизира начинот на кој работиме на оперативниот фронт и за избегнување на неефикасноста – рече таа.

Финалниот турнир на СП 2022 во Катар треба да се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година со учество на 32 репрезентации. Но постои можност таа бројка да се зголеми на 48 репрезентации, за што е во тек изработување студија за оправданост околу сите аспекти за евентуален проширен формат на СП. Л.Д.