Првиот човек на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, потврди дека во март в година ќе се решава дали на Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар ќе настапат 48 репрезентации.

Како што е познато, на СП во 2026 година во САД, Канада и во Мексико првпат ќе настапат 48 репрезентации. Но последниве месеци се раширија шпекулациите дека е можно и на СП 20202 во Катар, наместо 32 да учествуваат 48 селекции.

– За тоа ќе се одлучува во март 2019-та. Веќе се договоривме на идните СП, од 2026-та да има по 48 тима, сите мислиме дека тоа е добра идеја – изјави Инфантино за француското телевизиско шоу „Телефут“.

СП 2022 што ќе се одржи во Катар, поради високите летни температури, ќе се одржи во периодот ноември-декември, наместо во месеците јуни и јули како досега. Како резултат на тоа, времетраењето на турнирот е скратено за три дена, од 31 на 28 дена, што би можело да биде одлучувачки фактор при размислувањата за 48-тимски формат на СП 2022.