Роберто Фирмино му го донесе на Ливерпул трофејот на Светското клупско првенство, единствениот што му недостигаше на англискиот фудбалски клуб во неговата богата историја, постигнувајќи го голот за победа над Фламенго од 1-0, по 120 минути игра во финалето во Доха, Катар. Ливерпул годинава ги освои и Лигата на шампионите и Суперкупот на УЕФА.

Бразилскиот репрезентативец погоди во 99-та минута од продолженијата, со што се покажа како клучен фудбалер на „црвените“ на патот до трофејот, откако претходно беше стрелец и на решавачкиот погодок во полуфиналето против мексикански Монтереј 2-1. 

Англискиот клуб од петте претходни можности да настапи во меч за светската титула двапати не играше (во 1977 и во 1978 година), а трипати загуби (во 1981 година од Фламенго со 0-3, во 1984 година од Индепендиенте со 0-1 и во 2005 година од Сао Пауло со 0-1).

Јужноамериканците беа рамноправни ривали во текот на натпреварот, на кој не реализираа неколку изгледни шанси за гол. Најдобрата ја пропушти Линколн во самата завршница од продолженијата.

Претходно, Монтереј стигна до третото место совладувајќи го Ал Хилал од Саудиска Арабија на пенали 4-3, откако мечот заврши 2-2 по продолженија.