Благодарение на финансискиот ферплеј, европскиот фудбал е поздрав од кога и да е, рече Чеферин, претседателот на УЕФА

Европските фудбалски клубови сега имаат 600 милиони евра профит, наспроти вкупните загуби од 1,7 милијарда евра што ги имаа во 2011 година, покажала анализата на Европската фудбалска унија (УЕФА), која како причина за оваа состојба го наведува правилото за финансиски ферплеј. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, вели дека финансискиот ферплеј го направи европскиот фудбал финансиски најсилен досега.
Новите бројки од финансиската анализа (заклучно со декември 2017 година) на 718 прволигашки клуба во Европа покажале дека првпат откако се води евиденцијата европскиот прволигашки клупски фудбал е профитабилен.

– Благодарение на финансискиот ферплеј, европскиот фудбал е поздрав од кога и да е. Тие 600 милиони евра заеднички профит на клубовите во 2017 година се значителен напредок во споредба со заедничката загуба од 1,7 милијарда евра во 2011 година, кога беа воведени правилата за финансискиот ферплеј. Тоа јасно покажува дека системот за финансиски ферплеј функционира – рече Чеферин.
Вкупно 29 од 54-те домашни првенства се профитабилни, во споредба со само осум во 2011 година.

– Сега е време за чекор напред. Затоа одлучивме повеќе да ги заостриме регулативите, да побараме уште поголема транспарентност и хармонизација на практиките на финансиското сметководство. Тоа на УЕФА ќе ѝ овозможи да реагира, на пример, кога ќе види дека клубот потрошил повеќе од одредена сума за трансфери или кога клубот има премногу долг, УЕФА веднаш да реагира и проактивно да ја процени способноста на клубот во иднина да ги исполни правилата – рече Чеферин.