Денеска почнуваат дуелите од третата рунда на фудбалското СП, која треба да ги потврди репрезентациите што веќе си обезбедија пласман во нокаут-фазата и да даде одговори на тоа дали некои од фаворитите порано ќе заминат од Русија.
Ова најмногу се однесува на двократниот светски првак и актуелен вицепрвак Аргентина. По првите две кола „гаучосите“ имаат само еден бод и на утрешниот меч против Нигерија им е потребна победа за пласман меѓу 16-те најдобри, но и пораз или реми на Исланд од Хрватска, која веќе се квалификува во следната рунда.
Бранителот на титулата Германија беше пред амбис, го загуби првиот меч, но успеа да се извлече и во второто коло да слави победа. Во третото коло Германија би требало да има полесна задача, игра со Јужна Кореја, која веќе е елиминирана, а Шведска со Мексико. Тука може да има израмнети селекции, па дополнително да се одреди кој ќе игра во осминафиналето. На Германија за сигурен пласман ѝ треба победа со барем два гола разлика.
Неизвесно е и во групата Е каде што Бразилците се први со четири бода, а по три имаат Швајцарија и Србија. Србија мора најмалку да ремизира со Бразил, но можно е тоа да биде недоволно бидејќи Швајцарците имаат полесна задача, играат против Костарика, која веќе се пакува за дома.