ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Според планот на Владата од четири дела, за укинување на блокадата предизвикана од коронавирусот, објавен во февруари, на стадионите ќе може да има „до 10.000 луѓе“, доколку се успешни пилот-настаните, но не пред 17 мај

Финалето на англискиот фудбалски ФА-куп, пред 20.000 гледачи, и Светскиот шампионат во снукер се предложените пилот-настани за тестирање на враќањето поголем број гледачи на спортските настани годинава во Англија. Одделот за дигитализација, култура, медиуми и спорт (ДЦМС) најави дека пролетва ќе организира „десетина“ спортски и културни пилот-настани, пишува „Би-би-си“.

ДЦМС соопшти дека за бројот на гледачи на тие настани допрва треба да се одлучува, но „Би-би-си“ посочува дека за финалето од ФА-купот, кое треба да се одигра на 15 мај на стадионот „Вембли“, се разгледува можноста да има 20.000 гледачи.
Според планот на Владата од четири дела, за укинување на блокадата предизвикана од коронавирусот, објавен во февруари, на стадионите ќе може да има „до 10.000 луѓе“ доколку се успешни пилот-настаните, но не пред 17 мај. Светскиот шампионат во снукер треба да се одржи од 17 април до 3 мај, во театарот „Крусибл“ во Шефилд.
– Овие тест-настани ќе бидат клучни за наоѓањето начини како да се врати публиката безбедно, без физичко дистанцирање. Сакаме да ги вратиме луѓето да уживаат во она што го сакаат и да обезбедиме некои од нашите најважни индустрии да застанат на нозе – изјави секретарот за култура Оливер Доуден.

Пилот-настаните треба да обезбедат податоци за тоа колку луѓе може безбедно да се вратат на стадионите. Тие што ќе присуствуваат ќе мора да имаат негативен тест пред настанот, а ќе бидат тестирани и потоа.

Премиер-лигата планира да има публика на стадионите на мечевите од последните две кола сезонава.