Можно е од гледачите да се бара да покажат доказ дека се вакцинирани или да поседуваат негативен резултат на ковид-19, истакнува УЕФА

ФУДБАЛ

Финалето во Лига Европа (ЛЕ) во Гдањск, на 26 мај, ќе се игра пред 9.500 гледачи, по одобрението од полските власти, соопшти Европската фудбалска унија (УЕФА). Трибините на стадионот во Гдањск, кој е со капацитет од 41.620 места, ќе бидат исполнети до максимални 25 отсто, при што двата тима финалисти добија по 2.000 влезници, а 2.000 влезници ќе бидат наменети за пошироката јавност. Преостанатите влезници ќе им бидат доделени на локалниот организациски комитет, на УЕФА, на националните асоцијации, на комерцијалните партнери и на ТВ-компаниите
– Полските власти потврдија дека стадионот ќе биде исполнет до 25 отсто од капацитетот, односно до 9.500 гледачи. Можно е од гледачите да се бара да покажат доказ дека се вакцинирани или да поседуваат негативен резултат на ковид-19. Навивачите од странство, пак, што ќе доаѓаат во Полска ќе мора да ги почитуваат ограничувањата и барањата за влез на границата што ќе бидат во сила за време на финалето. Ќе нема никакви изземања на тие што имаат билети – истакнува УЕФА.
Утревечер се играат реванш-полуфиналните натпревари во ЛЕ. Манчестер јунајтед ќе ѝ гостува на Рома, која во првиот меч ја совлада со убедливи 6-2, а Вилјареал во Лондон се среќава со Арсенал, кого во првиот меч го победи со 2-1.