Навивачите на Челси и на Арсенал добиле по скромни 6.000 влезници, но сега струи информација дека половината од влезниците ќе ѝ ги вратат на УЕФА

Финалниот натпревар во Лига Европа (ЛЕ) помеѓу англиските премиерлигаши Челси и Арсенал ќе се игра в среда на Олимпискиот стадион во Баку. Одлуката што ја донесе европската куќа на фудбалот УЕФА, главниот град на Азербејџан да биде домаќин, може да се покаже како една од најлошите во историјата на европскиот фудбал.

Фудбалската јавност беше незадоволна уште кога беше донесена конечната одлука, но како што се приближува денот на натпреварот, состојбата станува сѐ поалармантна, а како што стојат моментно работите, нема да биде никакво изненадување ако Челси и Арсенал играат пред полупразни трибини.

Двата клуба како и нивните навивачи, одамна го изразија своето незадоволство околу изборот на градот-домаќин на финалниот меч. Патем, навивачите на двата клуба добија по скромни 6.000 влезници, но сега струи информација дека половината од влезниците ќе ѝ ги вратат на УЕФА. Најевтината влезница чини 30 евра, 15 евра помалку отколку претходните две финалиња во Лион и Стокхолм.

Арсенал на четири дена до почетокот на натпреварот продал 3.500 влезници, а Челси, пак, само 2.000, што е и многу малку за едно вакво финале. Причината за ваквиот бојкот е долгото патување до Баку, кој за навивачите од Лондон е оддалечен околу 4.000 км.

Со проблеми се соочува и Арсенал оти во Азербејџан нема да патува Хенри Митарјан, бидејќи во таа држава наводно не може со сигурност да му се гарантира безбедноста, од едноставна причина што тој е Ерменец, а тие две држави одамна се во судир.