Бранителот на титулата, Ливерпул, повторно е во група со Наполи, а сезонава во ЛШ ќе играат и двајца македонски интернационалци, Елиф Елмас за Наполи и Аријан Адеми, капитенот на загрепски Динамо

Актуелниот европски првак Ливерпул повторно, како и лани, е во група (Е) со Наполи (лани беше 0-1 и 1-0), плус Салцбург и Генк, и се чини ќе нема поголеми проблеми да се пласира во нокаут-фазата во Лигата на шампиони (ЛШ). Генерално, ако се суди според составот на групите по ждрепката во Монако, изгледа дека тимовите од Англија што лани доминираа во ЛШ, и годинава без многу маки ќе ја минат групната фаза, со оглед на квалитетот на ривалите. Најтешка задача ќе има победникот во Лига Европа (ЛЕ), Челси, кој се најде во т.н. група на смртта, во која се тимови со релативно млади состави, Ајакс, Валенсија и Лил. Епитетот „група на смртта“ може да го добие и онаа во која се Барселона, Борусија Д. и Интер, плус Славија Прага, како тотален аутсајдер.

Ливерпул е во мисија да стане првиот англиски тим што три сезони по ред ќе игра во европско финале. „Црвените“ во минатите две сезони забележаа најмногу победи во ЛШ, 15, и постигнаа најмногу голови, 65. Тие не се поразени на „Енфилд“, на европски меч, од октомври 2014 (16 победи и шест ремија), откако беа поразени од Реал во групната фаза (0-3). Интересни и неизвесни натпревари треба да се очекуваат во групите А и Б (Реал – ПСЖ), односно Тотенхем – Баерн и Црвена ѕвезда – Баерн, кои последен пат играа во полуфиналето во сезоната 1990/1991, кога „црвено-белите“ од Белград, во чиј состав беа Дарко Панчев и Илија Најдоски, беа подобри и на крајот ја освоија европската титула.

Сезонава во ЛШ ќе играат и двајца македонски интернационалци, репрезентативци. Станува збор за младиот Елиф Елмас (19), кој летово од Фенербахче се пресели во Наполи, и за капитенот на загрепски Динамо, Аријан Адеми. Наполи предводен од искусниот Карло Анчелоти на тренерската клупа има реални шанси да ја мине групната фаза, за разлика од Динамо, кој е во тешка група, со Манчестер сити, кој, пак, е изразит фаворит со украинскиот Шахтар и со дебитантот во оваа конкуренција, Аталанта.

Натпреварите сѐ уште не се почнати, но прогнозерите потпомогнати од разни суперкомпјутери, „нахранети“ со сите можни статистички податоци, веќе објавија кои тимови ќе стигнат до завршницата и кој ќе биде новиот европски првак. Тоа би требало да биде Реал, кој во финалето ќе го совлада Баерн, со 3-2. Претходно, во полуфиналните дуели, Реал ќе ја елиминира Барселона (5-2), а Баерн ќе биде поуспешен од Јувентус (3-0)!