Момент од мечот во Базел

Последните осум меча од 2-то коло во квалификациите за ЕП 2020 во вторникот изобилуваа со голови (четири во просек по натпревар), драматични резултатски пресврти и многу голови и по истекот на 90-та минута. Особено интересно беше во Базел и во Осло

Во минатите неколку дена, во рамките на првото и на второто квалификациско коло во 10-те групи за пласман на Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2020 година, се одиграа вкупно 50 натпревари. Европскиот првак, Португалија, не ја почна најдобро квалификациската кампања, двапати ремизира на домашен терен, со Украина (0-0) и со Србија (1-1), што значи дека ќе мора да се „вади“ на гостувањата.

Светскиот првак и европски вицепрвак, Франција, беше убедлив, забележа две победи, а во ист победнички стил стартуваа и трикратниот европски првак, Шпанија, потоа Италија, Белгија, Полска, Република Ирска, Северна Ирска и Англија, која постигна 10 гола на двата меча, против Чешка дома, 5-0, и на гости против Црна Гора, 5-1. Како мало изненадување може да се оквалификува поразот на светскиот вицепрвак Хрватска, на гости од Унгарија (1-2), но треба да се има на ум дека тие се во фаза на подмладување на селекцијата и оти во сегашниот состав недостигаат повеќемина фудбалери од СП 2018 во Русија.

На последните осум натпревари што се одиграа во вторникот вечер имаше „дожд“ од голови (беа постигнати 32 или четири по натпревар), возбудувања и големи резултатски пресврти. Во скандинавското дерби во Осло, Норвешка против Шведска водеше со 2-0. Но од 70 до 90-та минута Швеѓаните постигнаа три гола (по еден во 86-та и 91-та минута), за, сепак, во последните мигови, во 97-та минута, Норвежаните да израмнат на 3-3.

Мечот Швајцарија – Данска, кој исто така заврши со 3-3, најдобро покажува дека фудбалот се игра 90 и неколку минути. Швајцарците во Базел водеа со убедливи 3-0 и се чинеше дека сѐ е готово. Но од 84-та до 93-та минута, особено по излегувањето од игра на капитенот Гранит Џака во 79-та минута, примија три гола и од готово направија вересија.

Во Зеница, БиХ многу рано, уште во 15-та минута, поведе против Грција со 2-0, но до крајот прими два гола (вториот во 85-та минута) и мораше да се задоволи само со еден бод. На тоа влијаеше и исклучувањето на Миралем Пјаниќ во 65-та минута поради прекршок што судијата го оквалификува како груба игра за директен црвен картон.


Рекорди на Италија со најмлади и најстари

Италија го декласира Лихтенштајн, 6-0, а мечот од квалификациите за фудбалското Европско првенство в година, кој се одигра во Парма, долго ќе го памети Фабио Кваљарела, кој стана највозрасниот фудбалер што постигнува гол за Италија, на 36 години и 54 дена. Тој во таа категорија го надмина Кристијан Панучи, кој играше за „аѕурите“ од 1994 до 2008 година и постигна гол за Италија на 35 години и 62 дена.
Напаѓачот Моисе Кин (19), пак, постави уште еден рекорд. Тој пред неколку дена на мечот против Финска (2-0) стана најмладиот стартер во дресот на Италија, по Едоардо Маријани во 1912 година, и вториот најмлад фудбалер (19 години и 23 дена) што постигнува гол за Италија, прв по Бруно Николе (на 18 години и 258 дена) во 1958 година. Против Лихтенштајн тој повторно постигна гол и стана вториот тинејџер што на два репрезентативни натпревари по ред постигнува гол. Претходно такво нешто му успеало на Емилио Каприле на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон во 1948 година.