Фудбалерите на Баерн ја продолжија успешната низа победувајќи ја Севилја со 2-1 по 120 минути игра во мечот од Суперкупот на УЕФА, за прв трофеј сезонава. Дуелот помеѓу освојувачите на Лигата на шампионите и на Лигата на Европа беше одигран пред 15 илјади гледачи во Будимпешта.

Севилја го отвори резултатот преку Лукас Окампос од пенал во 13-та минута, Леон Горецка израмни во 34-та минута, а ветеранот Хави Мартинез во 104-та минута го постигна одлучувачкиот гол за Баерн. Искусниот шпански фудбалер се снајде добро по корнер, пет минути откако влезе во игра од клупата за резерви.

Германската екипа на тој начин ја продолжи низата без пораз која достигна 32 меча во сите конкуренции. За Баерн ова е втор трофеј во европскиот Суперкуп, откако триумфираше и во 2013 година. Баварците под водство на Ханс-Дитер Флик, годинава ги освоија германското првенство, купот, како и Лигата на шампионите, пред успехот во Будимпешта.