Победите на патот до финалето ја поставија сцената за следното поглавје во ривалството помеѓу Аргентина и Уругвај, кое веќе траеше 28 години. Во отсуство на службена топка за мечевите, двете селекции се појавија со по една од своите топки, па белгискиот судија Лангенус реши секое полувреме да се игра со различна топка. Во меч со два пресврта Уругвај победи со 4-2, пред 60.000 гледачи на новоизградениот стадион „Сентанарио“

ФУДБАЛ – ПРЕД 90 ГОДИНИ СЕ ОДИГРА ПРВОТО ФИНАЛЕ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Машкиот олимписки турнир во фудбал во Париз во 1924 година беше пресвртница во историјата на фудбалот, прво официјално натпреварување на кое се соочија репрезентации од Европа и од целиот свет. Пред речиси 50.000 гледачи, во финалето на тој турнир Уругвај ја совлада Швајцарија со 3-0 освојувајќи го златниот медал, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница. Успехот на тој меч го охрабри тогашниот претседател на ФИФА, Жил Риме, да продолжи со плановите да организира светски шампионат, одделен од оној на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). На 26 мај 1928 година во Амстердам, каде што Уругвајците ја одбранија олимписката титула победувајќи ја Аргентина со 2-1, Конгресот на ФИФА даде дозвола за визионерскиот проект на Риме.

Италија, Унгарија, Холандија, Шпанија, Шведска и Уругвај аплицираа да бидат домаќини на инаугуративното Светско првенство (СП) во средината на 1930 година, а ФИФА реши домаќинството да му го додели на Уругвај. Самиот турнир ги надмина очекувањата на ФИФА и донесе многу надеж за финалето, кое беше нов дуел на Уругвај и на Аргентина, сега за првата светска титула.
Уругвај на патот до финалето ги победи Перу, Романија и Југославија, а Аргентина ги совлада Франција, Мексико, Чиле и САД. Тие победи ја поставија сцената за следното поглавје во ривалството помеѓу Аргентина и Уругвај, кое веќе траеше 28 години. И двете репрезентации во дуелот за трофејот играа во формација 2-3-5, вообичаена во тоа време. Се очекуваше интересен дуел, а искри почнаа да летаат уште пред почетокот на средбата, пишува ФИФА. Во отсуство на службена топка за мечевите, двете селекции се појавија со по една од своите топки. Белгискиот судија Жан Лангенус реши секое полувреме да се игра со различна топка. Потоа со фрлање паричка одлучи во првото полувреме да се игра со топката произведена во Аргентина.
Домашната екипа рано поведе, но Аргентина до крајот на првото полувреме направи пресврт за 2-1.

Аргентинците речиси го зголемија водството во почетокот на вториот дел преку Франциско Варало, а потоа тој ја влоши повредата на коленото со која влезе во мечот, што им овозможи на домаќините, поддржани од 60.000 гледачи на новоизградениот стадион „Сентанарио“, повторно да се вратат во игра. Уругвајците ја презедоа контролата, постигнувајќи два гола до 68-та минута, за 3-2. Аргентина можеше да дојде до ново израмнување, но Гијермо Стабиле ја погоди стативата, а потоа Хектор Кастро го постигна и четвртиот гол за Уругвај за првата светска титула.

Уругвај не учествуваше на СП 1934 и на СП 1938, а на натпреварувањето се врати во 1950 година кога го направи едно од најголемите изненадувања во историјата на фудбалот, победата со 2-1 против домаќинот Бразил во одлучувачки меч на турнирот. Четири години подоцна на СП во Швајцарија, Уругвај го загуби својот прв натпревар на мундијалите, со 2-4 од Унгарија во полуфиналето (дотогаш 10 победи и едно реми). Следното финале на Аргентина, пак, беше на домашен терен, во 1978 година, кога ја освои својата прва светска титула, со победата со 3-1 над Холандија.