Викендов неименуван англиски фудбалски нисколигаш може да добие нови сопственици, и тоа повеќе од 2.500, кои платија за акции, што ќе им овозможи преку мобилна апликација да гласаат за сите одлуки на клубот во управниот одбор (УО). Сопствениците, кои не се поврзани, освен преку апликацијата, ќе одлучуваат за сѐ, од потпишување договори до ангажирање и отпуштање работници. Денеска тие треба да гласаат за преземањето на клубот. Како и за сите одлуки, ќе се решава со мнозинство гласови.

– Тие ќе имаат состанок на УО во живо, во реално време, во своите раце. Тоа е искуството да се биде претседател со голем одбор на директори, секој ден да се занимавате со важни одлуки за водење клуб – вели за Би-би-си Стјуарт Харви, основачот на апликацијата „Поседувај клуб“.

Харви контактирал со 50 нисколигаши, а клубот што треба да биде преземен е во шестата лига од постојните седум на англиската фудбалска пирамида. Тој не е во можност да го именува поради договорот за неоткривање. Идните сопственици платиле по 49 фунти за акција, пишува Би-би-си. Овој модел е сличен на оној што го користел ФК Ебсфлит, кога бил преземен од веб-сајтот на „Мој фудбалски клуб“ во 2008 година. Членството првично изнесувало повеќе од 27.000, но драстично се намали и се откажа од своите акции во 2013 година.

– Разликата е во тоа што тоа беше 10 години прерано. Тоа беше пред ајфоните да станат популарни, пред да се појават апликациите и тие не ја користеа технологијата како што ја имаме денес – вели Харви за Би-би-си.