Унион Берлин, кој е првиот клуб од источниот дел на градот што се натпреварува во Бундес-лигата, ја совлада Херта со 1-0

Првото дерби во историјата на германската Бундес-лига помеѓу клубови од источниот и од западниот дел на Берлин, го доби Унион Берлин победувајќи ја Херта со 1-0, со голот на Себастијан Полтер од пенал во 90-та минута, втор за него сезонава. По 10 првенствени кола, Унион Берлин е на 13-та позиција на табелата со 10 бода, а Херта е 11-та со 11. На лидерската позиција е Борусија Менхенгладбах со 22, пред Борусија Дортмунд со 19 бода итн.

Мечот беше 10 минути во прекин на почетокот од второто полувреме, бидејќи навивачите на Херта фрлаа запаливи предмети и факли на теренот. Еден од тие предмети падна блиску до клупата за резервни играчи на Унион по што судијата одлучи играчите на двата тима да се повлечат во соблекувалните, но по консултација со полицијата по кратко време се вратија на теренот. Некои од навивачите на Унион по завршувањето на мечот се обидоа да влезат на теренот, но фудбалерите на домашниот тим ги спречија во тоа.

Никогаш досега во 56-годишната историја на Бундес-лигата не се одиграл натпревар меѓу клубови од источниот и од западниот дел на Берлин, кој од 1961 до 1989 година беше поделен со Берлинскиот ѕид, помеѓу Западна и Источна Германија. Во ноември 1974 година Херта и Тенис Борусија (3-0) се сретнаа во првото берлинско дерби на Олимпискиот стадион, но тоа беше меѓу клубови од западниот дел на градот. Херта ги доби и следните два натпревара против Тенис, во 1975 и во 1976 година (2-1 и 2-0), а единствениот пораз го претрпе во 1977-та (0-2).

Унион и Херта во минатите децении одиграа четири меѓусебни дерби-дуели (по две победи и ремија), но во Бундес-лигата 2. На 27 јануари 1990 година, набргу по уривањето на ѕидот, Херта и Унион на Олимпискиот стадион одиграа пријателски натпревар во фантастична атмосфера во знакот на повторното обединување на Германија што потоа се претвори во големо славење по улиците на Берлин.


Лајпциг славеше со 8-0, останува рекордот од 12-0

Баерн го доживеа најтешкиот пораз во последните десетина години, на гостувањето во Франкфурт, од Ајнтрахт, 1-5 во меч од фудбалската Бундес-лига. Една од причините за дебаклот на Баварците е исклучувањето на Жером Боатенг уште во 9-та минута. Последниот сличен пораз Баерн го претрпе пред 20 години на гости од Волфсбург (1-5). Лајпциг го растури Мајнц победувајќи го со 8-0 што, сепак, беше недоволно за уривање на рекордните за Бундес-лигата 12-0, на мечот Борусија М. – Борусија Д. на крајот од сезоната 1977/78.