Вообичаената еуфорија за светските првенства (СП), во Бразил најдобро може да се забележи на познатата улица „Жорге Руџи“ во Рио де Жанеиро, но се чини дека таа изостана кога во прашање е Мундијалот во Русија, според сегашното расположение на тамошните љубители на фудбалот, пренесува „Њујорк тајмс“

Жителите на „Жорге Руџи“ традиционално ја украсуваат улицата со месеци пред почетокот на секое Светско првенство, поставувајќи знаменца во жолто-зелените бои на бразилската селекција, а ги бојадисуваат и ѕидовите со разни мурали посветени на фудбалот. Се поставува и голем екран за колективно следење на мечевите, а забавите посветени на Мундијалот честопати се збогатени со изведбите на познати музичари.

Но тоа не е случај годинава. Прекршувајќи ја традицијата долга четири децении, улицата „Жорге Руџи“ не е украсена за СП во Русија.

 – Победивме на натпреварувањето за најдобро украсена улица петпати. Но годинава не сум возбуден – вели Жарбас Рамос (56) кој живее на „Жорге Руџи“ веќе 36 години.

За незаинтересираноста на Бразилците придонесоа бавното закрепнување од долгогодишната рецесија, порастот на насилството на улиците, како и политичките превирања во државата во пресрет на претседателските избори во октомври.

Анкета спроведена од компанијата „Датафолја“ покажува дека 53 отсто од испитаните Бразилци се незаинтересирани за СП во Русија, што е највисок процент уште од натпреварувањето во 1994 година, откако почна да се спроведува истражувањето.

Бразил е меѓу водечките фаворити за освојување на тековниот турнир, но не успеа да забележи победа во првиот меч против Швајцарија кој заврши нерешено 1-1. Бразилците ќе се соочат со Костарика и со Србија во преостанатите дуели од групата Е.

– Светското првенство е поврзано со националната гордост. Ако Бразил игра добро, старото чувство ќе се врати – вели еден навивач на селекцијата која е петкратен светски првак.