Фото: Игор Бансколиев

Клучен играч во репрезентацијата на Македонија е капитенот, ветеранот Горан Пандев (114 настапи, 36 гола), кој го постигна победоносниот гол во плејоф-мечот против Грузија, со што го зацврсти статусот на национален херој

ФУДБАЛ

На околу четири месеци до почетокот на Европското првенство (ЕП), Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги претставува репрезентациите учеснички. Меѓу нив се Холандија, Украина и Австрија, трите ривали на македонската селекција во групата Ц, на континенталното првенство што треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули.
По Холандија, Украина и Австрија, УЕФА ја преставува и Македонија, за која ова ќе биде прв настап во завршницата на еден голем фудбалски турнир. Клучен играч во репрезентацијата на Македонија е капитенот, ветеранот Горан Пандев (37), фудбалерот на Џенова, кој е со најмногу настапи и со најмногу постигнати голови за Македонија (114 настапи, 36 гола). Тој го постигна победоносниот гол во плејофот против Грузија, со што го зацврсти статусот на национален херој. Пандев е лидер на тимот, креативен е, поседува одлична техника, асистира, но и постигнува голови. Играчот од средниот ред на Леванте, Енис Барди (31 натпревар, 5 гола) е битен играч на средината на теренот. Тој е добар додавач, асистира, но е закана и за противничкиот гол, особено при прекините, од слободните удари. Според статистиката, тој заедно со Лионел Меси е најдобар изведувач на слободни удари во шпанската Ла лига. Барди настапи на ЕП до 21 година во Полска во 2017 година и поседува искуство од играње на финален турнир.

Незаборавни голови. Првиот погодок за Македонија го постига Митко Стојковски, против тогаш актуелниот европски првак, Данска во Скопје, на 7 септември 1994 година, во квалификациите за ЕП 1996. Но сепак, голот на Пандев во 56-та минута во плејофот-дуелот против Грузија во Тбилиси е без сомнение најважниот погодок во македонската фудбалска историја.
Незаборавни моменти. Македонија дебитираше на меѓународна сцена со победата против Словенија од 4-1 на 13 октомври 1993 година во Крањ, а првиот гол за Македонија го даде Зоран Бошковски. Артим Шакири постигна гол директно од корнер против Англија во Саутемптон 2002-та, во квалификациите за ЕП 2004. Вреди да се спомене и победата над Лихтенштајн од 11-1, во 1996 година, во квалификациите за Светското првенство (СП) 1998-та во Франција.