Европската куќа на фудбалот УЕФА уште е во фаза на чекање за да се одредат плановите за Европското првенство 2020 и дали е можно откажување на првенството поради ситуацијата со коронавирусот.

Европското првенство почнува во Италија во јуни, една од земјите домаќини на шампионатот, и европска нација каде што има најмногу заразени од вирусот. Потпретседателот на УЕФА, Микеле Ува за „РАИ спорт“ изјави дека се работи за глобален проблем и дека „фудбалот ќе ги следи наредбите на земјите“.

– Сега сме во фаза на чекање. Ја следиме ситуацијата земја по земја и фудбалот мора да ги следи правилата од земјите кои се погодени. Спортскиот пат ќе биде затворен само ако ситуацијата стане полоша – вели Ува.

Италијанскиот фудбал засега е најсериозно погоден од вирусот, откако минатата недела беа откажани повеќе мечеви, а Интер играа пред затворени трибини против Лудогорец во мечот од Лига Европа. Пет меча овој викенд ќе се играат без публика, вклучувајќи го големото дерби Јувентус-Интер.