Тибо Куртоа изјави дека предност им се дава на парите пред благосостојбата и здравјето на играчите, по што УЕФА изјави: „ЛН не го зголеми вкупниот број мечеви за националните тимови. Се игра на датумите од меѓународниот календар. УЕФА не задржува ништо од приходите во ЛН“

ФУДБАЛ

Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, изјави дека фудбалските раководни тела им даваат предност на парите пред благосостојбата и здравјето на играчите, за кои смета дека се третирани како „роботи“. Куртоа настапи на двата натпревара за Белгија во Лигата на нациите (ЛН), против Франција и против Италија.
– Овие натпревари се само за пари, мора да бидеме искрени. Играме затоа што за УЕФА тоа се дополнителни пари и дополнителен меч на ТВ. Играме премногу натпревари. Следната година го имаме Светското првенство (СП) во ноември, можеби ќе треба повторно да играме до јули. Никој повеќе не се грижи за играчите. По долгата сезона, повторно ќе треба да одиграме четири натпревари во ЛН, ќе имаме само две недели одмор и тоа не е доволно. Може да се лутат поради тоа што другите тимови прават Суперлига, но не им е грижа за играчите, туку само за нивните џебови. Слушате дека сакаат да се играат европско и светско првенство секоја година. Кога ќе се одмориме? Никогаш. На крајот, врвните играчи ќе се повредуваат цело време. Ние не сме роботи – изјави тој за „Скај спорт“, по мечот за третото место во ЛН.
По изјавите на Куртоа реагираше и УЕФА, која за „Би-би-си“ го изјави следното: „Лигата на нациите не го зголеми вкупниот број натпревари за националните тимови. Се игра на датумите од меѓународниот календар. Неговото воведување требаше да го поддржи репрезентативниот фудбал со значајни, избалансирани и возбудливи натпревари на сите нивоа, што всушност се случи благодарение на фактот што сите тимови имаат цели во натпреварувањето. УЕФА не задржува ниту еден од приходите од Лигата на нациите, кои се целосно прераспределени во националните асоцијации. Овие приходи ги финансираат организацијата и промоцијата на фудбалот низ цела Европа“.