УЕФА е загрижена за можното „разводнување“ на настанот предизвикан од поредовно одржување, како и од ефектите врз благосостојбата на фудбалерите. УЕФА исто така негодува и поради начинот на кој ФИФА ги промовира своите планови

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави соопштение во кое се истакнува дека е „сериозно загрижена“ во врска со контроверзниот предлог на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за одржување на светското првенство (СП) на секои две наместо, како досега, на четири години.
ФИФА им закажа на земјите-членки онлајн-состанок на 30 септември, на кој треба да се разговара за потенцијалното двегодишно СП. Но, УЕФА сѐ уште е загрижена за можното „разводнување“ на настанот предизвикано од поредовно одржување, како и од ефектите врз благосостојбата на фудбалерите, но и ефектот врз женскиот фудбал. УЕФА исто така негодува и поради начинот на кој ФИФА ги промовира своите планови, главно преку интервјуа за медиуми и со прес-конференции.
– УЕФА е разочарана од усвоената методологија, која доведе до радикални реформски проекти, кои беа соопштени и отворено промовирани пред да им се даде можност на другите засегнати страни да учествуваат на некој состанок за консултации – стои во соопштението на УЕФА, во кое се додава и дека „вистинските опасности поврзани со одржувањето на СП на секои две години вклучуваат и ерозија на спортските можности за послабите репрезентации“. Претходно овој месец, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, рече дека фудбалскиот турнир ќе ја загуби „легитимноста“ доколку не се одржува еднаш на четири години.

СП се одржува на секои четири години, од првото во 1930 година во Уругвај, па наваму, освен двапати, во 1942 и 1946 година, поради Втората светска војна. Притисокот за почесто одржување на СП започна со поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, сега директор за развој во ФИФА.
– На 14 септември, УЕФА и нејзините 55 земји-членки побараа од ФИФА да организира специјален состанок со нив за да можат да ја изразат својата загриженост за влијанието на таквите планови. УЕФА и 55-те членки сѐ уште не добиле одговор од ФИФА по ова барање – се додава во соопштението.
УЕФА, исто така, посочува серија „прашања“ што се очекува да бидат проучени во студијата за оправданост на ФИФА за одржување на СП на две години. Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, вети дека одлуката за ова прашање ќе биде донесена до крајот на 2021 година. Претходно годинава, УЕФА објави обновена и проширена верзија на Лигата на нации (ЛН).