Во официјалното соопштение, УЕФА истакнува дека ниту Чеферин ниту организацијата што тој ја предводи, не определиле одредени датуми за завршување на сезоната 2019/2020

Европската фудбалска унија (УЕФА) негира дека натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) од сезоната 2019/2020 треба да бидат комплетирани до 3 август, и покрај извештаите во Германија дека претседателот Александер Чеферин го изјавил тоа. Двете главни клупски натпреварувања на УЕФА се во мирување, а ЛШ и ЛЕ стигнаа до осминафиналната рунда, со по неколку неодиграни натпревари.
Засега нема конкретно решение како би завршиле натпреварите, но според германската телевизија ЦДФ, Чеферин рекол оти тие ќе бидат прекинати доколку не завршат до почетокот на август.

На ова веднаш дојде демант од УЕФА, која во официјалното соопштение, истакна дека ниту Чеферин ниту организацијата што тој ја предводи, не определиле датуми за завршување на сезоната 2019/2020. Од УЕФА велат дека се водат разговори со лигите и со клубовите низ Европа за тоа кога би можеле да завршат натпреварите, кои би можеле да се играат и во август доколку тоа биде потребно.
– Беше објавено дека претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, за ЦДФ во Германија изјавил оти Лигата на шампионите мора да заврши до 3 август. Тоа не е точно. Претседателот беше многу јасен и не ги одреди точните датуми за крајот на сезоната.

УЕФА во моментов ги анализира сите опции за завршување на домашните и на европските сезони со Европската клупска асоцијација и со европските лиги во работната група основана на 17 март. Приоритет на сите членови на работната група е зачувување на јавното здравство. Потоа, треба да се најдат решенија за календарите за да се завршат сите натпревари. Во моментов се истражуваат опциите за играње натпревари во јули и во август, ако има потреба, во зависност од датумите за рестартирање и дозволата на националните власти – пишува во соопштението на УЕФА.

Во писмото до клубовите низ Европа, УЕФА истакнува дека уште е рано за завршување на домашните шампионати и додава оти е убедена оти фудбал повторно може да се игра во наредните месеци.