Ставот на УЕФА дека „специјалните случаи“ може да не се соочат со санкции, дојде неколку часа пред холандската влада да ја продолжи забраната за одржување големи јавни настани до 1 септември што значеше крај на фудбалската сезона во таа земја

Европската фудбалска унија (УЕФА) го ублажи својот став кон националните федерации што се за порано завршување на тековните сезони, бидејќи во некои од тие земји владите донесуваат одлуки без да ги прашаат фудбалските челници, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“.
Ставот на УЕФА дека „специјалните случаи“ може да не се соочат со санкции, дојде неколку часа пред холандската влада да ја продолжи забраната за одржување големи јавни настани до 1 септември. Тоа значеше крај на фудбалската сезона во таа земја. Фудбалската федерација на Холандија соопшти дека планира да ја заврши сезоната 2019/20 и оти за тоа ќе се консултира со УЕФА. За утре е најавен и состанок меѓу клубовите на кој ќе се дискутира „за последиците од одлуката“. Ајакс е на врвот на табелата со ист број бодови како и АЗ Алкмар, но со подобра гол-разлика. Првопласираните два тима треба да играат во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ).

Претходно Белгија беше првата земја што означи крај на најсилната лига со моменталниот пласман на табелата. На тоа стигна брз одговор од претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, кој се закани дека е можно нивните клубови да не бидат вклучени во натпреварите во ЛШ и во Лига Европа (ЛЕ), поради ваквата избрзана одлука. Но одлуката на холандската влада, која ја соопшти премиерот Марк Руте, на некој начин ги одреди границите на овластувањата на фудбалските раководства, пишува „Асошиејтед прес“.

Претходно УЕФА во видеоразговорите со претставниците на 55 земји-членки ги повтори ставот и директивата за „силна препорака“ да се стори сѐ за да завршат домашните сезони. Новиот став на УЕФА е дека „ќе се разгледуваат некои специјални случаи“, пишува „Асошиејтед прес“.
– Имајќи го ова предвид, УЕФА развива неколку упатства во врска со настапите во своите клупски натпреварувања, за да им помогне на своите членки во случај на откажување на лигата или на купот – се вели во изјавата.

Извршниот комитет (ИК) на УЕФА на денешниот состанок може да ги потврди тие упатства. УЕФА се надева дека ќе ја комплетира сезоната во ЛШ и во ЛЕ до крајот на август. Опциите за УЕФА се и мини-турнир во ЛШ на едно место, а 29 август е целниот датум за финалето првично закажано за 30 мај, во Истанбул.

Плејофот со кој требаше да се решава за последните четири репрезентации што ќе настапат на Европското првенство (ЕП), во кој требаше да настапи и Македонија (полуфинале со Косово), двапати беше одложен, во март и во јуни. Потпретседателот на УЕФА, Шандор Чањи, изјави дека е можно тие натпревари да се играат во октомври или во ноември. 


Најсилните лиги се подготвени за продолжување на сезоната

Постојат најави дека прекинатите фудбалски првенства во петте најсилни лиги, Англија, Франција, Шпанија, Италија и Германија, би можеле да продолжат во мај или во јуни. Германската федерација и клубовите денеска треба да разговараат за продолжување на натпреварите во Бундес-лигата, а како можен датум се спомнува 9 мај, на празни стадиони. И во Шпанија се разгледуваат начините за продолжување на сезоната, но нема шанси за такво нешто до 11 мај, до кога е во сила полицискиот час. Тренинзите би продолжиле на 4 или на 11 мај, а сезоната на 28 мај, 6 или на 28 јуни.

Во Англија, на последниот состанок премиерлигашите начелно се договориле натпреварите да продолжат на 8 јуни, без публика. Во француските Лига 1 и Лига 2 најавите се дека првенствата би можеле да продолжат на 17 јуни. Во Италија, која е најтешко погодена од пандемијата на коронавирусот, тренинзите би почнале на 4 мај, а натпреварите кон крајот на мај или во почетокот на јуни, во четири града, зад затворени врати.