Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) во Монтро, Швајцарија, едногласно го одобри планот со кој ќе се направат големи промени на европските натпреварувања од сезоната 2024/25.

Лигата на шампионите се зголемува од 32 на 36 клуба, и наместо натпревари по групи има лигашки статус во кој секој клуб ќе има гарантирани 10 лигашки натпревари против 10 различни противници (пет дома, пет на гости). Најдобрите осум влегуваат во нокаут-фазата, а од 9 до 24 место играат во плејоф за влез во осминафиналето.

Слични промени ќе има и во Лига Европа (8 меча во лигашкиот дел) и во Конференциската лига (6 меча во лигашкиот дел).

Квалификациите за ЛШ ќе продолжат да бидат „отворени“, а учесниците ќе се пласираат според учинокот во домашните шампионати. Најсилните првенства добиваат можност и за петти претставник во ЛШ, наместо досегашните четири. Тука е и „бонусот“ – две места кои ќе ги добиваат клубовите со највисок коефициент во последните пет години кои не влегле во групната фаза на ЛШ, но играле во квалификациите или во Лига Европа.