Дорнбас Арена

Европската фудбалска унија (УЕФА) им наложи на украински Шахтар Доњецк и на италијански Лацио да затворат дел од трибините на стадионите на следниот домашен натпревар во Лига Европа (ЛЕ), поради расистичко однесување на нивните навивачи на натпреварите во ЛЕ.

Навивачите на Шахтар истакнаа екстремно десничарски натпис на домашниот натпревар против Ајнтрахт Франкфурт во февруари. Поради фрлањето запаливи предмети на теренот, Шахтар ќе мора да плати казна од 10.000 евра.
Навивачите на Лацио беа забележани како изведуваат нацистички поздрав на гостинскиот натпревар против Севилја, исто така во февруари. Римскиот клуб е познат по тоа што подолго време има екстремно десничарски елементи меѓу своите навивачи, казнет е и со 20.000 евра.

Шахтар, кој има водство од седум поени во украинската лига, најверојатно ќе игра во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ) следната сезона. Лацио во моментов е шести во Серија А и има шанса да се пласира во ЛЕ.

Пред неколку дена репрезентативците на Англија по мечот во Подгорица против Црна Гора во квалификациите за ЕП 2020, се пожалија поради расистичко однесување на навивачите на трибините и најавија жалба до УЕФА.