Клубовите се согласија да се откажат од пет отсто од приходите од натпреварувањата на УЕФА за една сезона и заеднички да платат 15 милиони евра за поддршка на „грасрут“ и на младинскиот фудбал во Европа

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) ги објави санкциите и финансиските казни за деветте од 12-те клуба вклучени во неуспешниот проект за европска суперлига, откако клубовите „се извинија“ и ја признаа „грешката“, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АФП).
УЕФА соопшти дека „во духот на помирувањето“ деветте клуба се согласиле на Декларацијата за обврска на клубот и прифатиле намалување на приходите за пет отсто во една сезона. Но три клуба, Барселона, Реал Мадрид и Јувентус, не ја потпишаа таа декларација. УЕФА истакнува дека „ги задржува сите права да преземе какви било дејства за кои смета дека се соодветни против оние клубови, кои одбиваат да се откажат од т.н. суперлига.
Некои медиуми објавија дека УЕФА размислува и за двегодишна забрана за настап во европски натпреварување за трите клуба, што е максимална казна според нејзините правила. Но нивните опции се поматени со пресудата на трговскиот суд во Мадрид од 20 април. Судот им забранил на УЕФА и на ФИФА да направат какви било потези за блокирање на суперлигата или да изречат какви било дисциплински мерки против вклучените клубови, играчи или службени лица. Исто така нејасно е дали клубовите што се повлекоа им должат нешто на преостанатите клубови за кршење на договорот за влез во суперлигата. Деветте клуба што се откажаа од проектот, Тотенхем, Арсенал, Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Атлетико, Интер и последниот што се повлече, Милан, се согласија на низа „мерки за реинтеграција“.

– Овие клубови брзо ги препознаа своите грешки и презедоа активности за да ја демонстрираат идната посветеност на европскиот фудбал. Тоа не може да се каже за клубовите што остануваат вклучени во т.н. суперлига и УЕФА последователно ќе се занимава со тие клубови – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Деветте клуба се согласија да се откажат од пет отсто од приходите од натпреварувањата на УЕФА за една сезона и заеднички да платат 15 милиони евра за поддршка на „грасрут“ и на младинскиот фудбал во Европа. Клубовите исто така се обврзаа на учество во натпреварувања на УЕФА за кои ќе се квалификуваат и се согласија да платат казни од 100 милиони евра доколку некогаш се обидат да играат во „неовластено“ натпреварување.
– Потребна е силна организација за да се признае дека е направена грешка, особено во овие денови на развиени социјални мрежи. Овие клубови го сторија токму тоа. Прифаќајќи ги нивните заложби и подготвеност да го поправат нарушувањето што го предизвикаа, УЕФА сака да го остави ова поглавје зад себе и да оди напред во позитивен дух – вели Чеферин.
Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија соопшти дека е „воодушевена“ што шесте англиски клубови ги потврдија учествата во натпреварувањата на УЕФА, но посочи дека и таа може да ги казни клубовите.