Од УЕФА инсистираат на тоа дека не добиле никакви барања од национални федерации за одложување на турнирот за 2021 година, нарекувајќи ги наводите „целосно невистинити“, пренесе „Асошиејтед прес“ (АП)

Поради коронавирусот секојдневно се одложуваат или се суспендираат спортски натпревари и натпреварувања, на државно и на меѓународно ниво, а до каде ќе одат работите никој не знае ниту пак може да претпостави. Едно од клучните прашања е дали ќе биде загрозено одржувањето на Европското првенство (ЕП) во фудбал (треба да почне на 12 јуни во Рим), може ли да биде преместено во други градови и земји, со променет облик или дури да биде одложено?

Од УЕФА инсистираат на тоа дека не добиле никакви барања од национални федерации за одложување на турнирот за 2021 година, нарекувајќи ги наводите „целосно невистинити“, пренесе „Асошиејтед прес“ (АП). УЕФА е во постојан контакт со Светската здравствена организација (СЗО).
УЕФА верува дека во секој град-домаќин на ЕП е можно да се играат натпревари ако тој има медицинска инфраструктура за лекување пациенти заболени од коронавирус и ги има потребните капацитети да се справи со десетици илјади навивачи, вели за „Асошиејтед прес“ (АП), стручњак за планирање големи настани, кој инсистирал на анонимност.

За ЕП ќе користат 12 стадиони во 12 земји, што овозможува флексибилност, одреден град да организира дополнителни натпревари ако другиот е спречен да го стори тоа поради коронавирусот, истакнува АП.

Уште не е јасно дали ЕП 2020 можеби ќе биде откажано или не, но УЕФА наскоро ќе мора да донесе одлука во врска со ова прашање, во зависност од тоа како ќе се одвива ширењето на коронавирусот во Европа. Најлошото сценарио е целосно откажување на турнирот. Ова би се случило доколку низ Европа не се минимизира ширењето на вирусот. Штета, покрај националните тимови и фудбалерите, ќе претрпат и гледачите, деловните субјекти итн. Одложувањето на ЕП за 2021 би имало помалку финансиски последици, а би предизвикало нарушување на календарот за следната година. Постои сценарио завршниот турнир да се одржи, но со некои ограничувања. На пример, натпреварите да се играат зад затворени врати, како што веќе се случи со некои натпревари во земјите погодени од вирусот.

– УЕФА ја сфаќа многу сериозно ситуацијата поврзана со коронавирусот. Внимателно ја следиме ситуацијата и во контакт сме со Светската здравствена организација и националните власти во врска со ковид-19 и неговиот развој – се вели во изјавата од УЕФА, која ја пренесе АП.
Мечевите од ЕП 2020 треба да се игра во Италија, Англија, Азербејџан, Данска, Германија, Унгарија, Република Ирска, Холандија, Романија, Русија, Шкотска и во Шпанија.