Обидот строго да се дефинира кога играњето со рака е прекршок резултира со многу нефер одлуки, со растечка фрустрација и непријатности. Духот на играта мора да се зачува, пишува, меѓу другото, претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, во писмото до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, барајќи промена на правилото воведено во март 2019 година

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) побара од Светската фудбалска федерација (ФИФА) да го разгледа контроверзното правило за играње со рака. Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, му пиша на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за ефектите што ги предизвика правилото што беше воведено во март 2019 година.
Во писмото, Чеферин побарал на ноемвриските состаноци на Одборот на меѓународната фудбалска асоцијација (ИФАБ), кои ги донесуваат и ги менуваат правилата на играта, да им се даде шанса на судиите да одлучуваат дали имало намера или не при играњето со рака.

– Обидот строго да се дефинира кога играњето со рака е прекршок резултира со многу нефер одлуки, со растечка фрустрација и непријатности. Духот на играта мора да се зачува. Верувам дека враќањето на претходната формулација, со одредба што не дозволува да се постигнуваат голови со рака/рамо е опција што треба да се има предвид. Употребата на ВАР во многу натпреварувања го влоши проблемот и ги турка судиите и медиумите кон вивисекција на секоја ситуација, со параноидни ефекти и контроверзни одлуки. Не е срамота да се признае дека понекогаш одлуките што се донесени за добро не ги постигнале своите цели и затоа треба повторно да бидат разгледани – пишува, меѓу другото, во писмото Чеферин, објави британскиот весник „Телеграф“.

ИФАБ и ФИФА одлучуваат за промените во правилата на фудбалската игра. ФИФА има половина од осумте гласа во ИФАБ, а другите четири им припаѓаат на фудбалските асоцијации на Англија, Шкотска, Велс и на Северна Ирска. Промените на правилата обично се донесуваат на годишниот состанок во февруари, иако некои итни измени и дополнувања, како што беше случајот со повеќето замени на фудбалери (по пет на еден меч секој тим) беа донесени на средината од ланската сезона.