Крајниот рок што го одреди УЕФА за пријавување на заинтересираните за домаќинство на ЕП 2028 е 23 март 2022 година, со назнака дека се можни промени на плановите

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека нејзините земји-членки заинтересирани за организација на Европското првенство (ЕП) во 2028 година имаат рок до март 2022 година да се пријават. Земјата-домаќин треба да биде одредена до септември 2023 година.
– Дозволени се заеднички понуди за ЕП 2028, под услов земјите-понудувачи да бидат географски компактни – велат од УЕФА, истакнувајќи од претходно дека организацијата на ЕП 2020 во 11 различни земји беше изолиран експеримент.
Две земји-домаќини би добиле автоматско учество на ЕП 2028, но при кандидатура на три земји „не може да се гарантира“ дека сите ќе добијат директно место.
УЕФА планира турнир со 24 репрезентации, четврти пат, но не ја отфрла можноста за промена на датумите и за форматот на континенталното фудбалско првенство. УЕФА го одреди 23 март 2022 година како краен рок за пријавување на заинтересираните земји за домаќинство на ЕП во 2028 година, со учество на 24 репрезентации и вкупно предвидени 51 натпревар, со назнака дека се можни промени на плановите.

– Бидејќи правилата за натпреварување уште не се објавени, информациите во врска со датумите, бројот на тимови што учествуваат и бројот на натпревари се привремени и затоа може да се променат – соопштија од Европската фудбалска унија.
УЕФА наведува дека за континенталното првенство во 2028 година се потребни 10 стадиони, еден со капацитет од најмалку 60.000 места, еден или два со капацитет од над 50.000 седишта, најмалку четири со над 40.000 и најмалку три со над 30.000 места.
Европските првенства почнаа да се играат во 1960 година со по четири селекции во завршницата. Така беше сѐ до 1980 година, кога настапија осум репрезентации. Од 1996 до 2012 година на турнирот за ЕП настапуваа по 16 репрезентации. Новото проширување, од 16 на 24 селекции дојде за ЕП во 2016 година во Франција, а 24 репрезентации играа и годинава. Домаќин на Европското првенство во 2024 година ќе биде Германија.