Германскиот тренер Томас Тухел успеа да го одведе Челси до финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), откако англискиот клуб потполно го надигра Реал Мадрид совладувајќи го 2-0 на домашен терен, за вкупни 3-1 во полуфиналниот двомеч. Тимо Вернер и Мејсон Маунт беа стрелци на головите за „сините“ во 28-та и во 85-та минута.

Тухел стана првиот тренер кој со два различни клуба стигнал до финалето на ЛШ во две последователни сезони, откако во претходното издание со Пари Сен Жермен загуби од Баерн со 0-1.

Лондонскиот клуб за четири месеци под водство на германскиот стратег (дојде на местото на Френк Лампард на 26 јануари) стигна до финалето на ЛШ и до завршниот меч во англискиот ФА-куп, додека во Премиер-лигата се искачи од 9-то до 4-то место. Во тој период Челси оствари 16 победи, шест нерешени и два пораза, со што не прими гол на 18 од вкупно 24 средби.

Челси ќе се сретне со Манчестер сити во финалето помеѓу англиските екипи, на 29 мај во Истанбул. Ова ќе биде трето финале за Челси, кој беше европски првак во 2012 година, а прво за Сити. Екипата од Манчестер во полуфиналето беше подобра од ПСЖ со вкупен резултат од 4-1 (2-1, 2-0).