Без победник во првото полуфинале, Реал – Челси 1-1. Доколку Челси се пласира во финалето, Тухел ќе стане првиот тренер во историјата на ЛШ што ќе учествува во финалето две сезони по ред со два клуба

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИ

За финалистот во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) од дуелот Реал Мадрид – Челси ќе се одлучува на реваншот во Лондон, в среда, откако првиот полуфинален меч во Мадрид заврши со реми, 1-1. Ова беше прва средба меѓу овие два тима по 23 години, од Суперкупот на УЕФА во Монако во 1998 година. За Реал ова беше 450-от натпревар во историјата на Купот на европските шампиони (КЕШ) и на ЛШ.
– Имам чувство дека требаше да го добиеме и дека заслуживме да го добиеме првото полувреме, можеби и да го решиме натпреварот за половина час. За нас тоа беше малку разочарувачки резултат на полувремето, но важно беше да останеме смирени и да не ја загубиме самодовербата. Тие постигнаа гол од прекин, но освен тоа не им дозволивме никакви други шанси. Мора да живееме со 1-1, ова е само прво полувреме и не ни преостанува ништо друго освен да се бориме и во реваншот – изјави Томас Тухел, менаџерот на Челси.

Тренерите секогаш го отфрлаат тврдењето дека натпреварите се дуели меѓу нив. Но за помалку од три месеци во Челси, Тухел се сретна со тимовите предводени од Пеп Гвардиола (Манчестер сити), Јирген Клоп (Ливерпул), Жозе Мурињо (Тотенхем), Карло Анчелоти (Евертон) и во два наврата со Диего Симеоне (Атлетико). И на ниту еден од тие натпревари Челси не прими гол. Доколку Челси се пласира во финалето, Тухел ќе стане првиот тренер во историјата на ЛШ што ќе учествува во финалето две сезони по ред со два клуба. Лани со Пари сен Жермен го загуби финалето од Баерн (0-1). За Челси ова е осмо полуфинале во ЛШ, прво по 2014 година, кога загуби од Атлетико.
– Далеку сум од тоа да го земам сево ова здраво за готово. Далеку сум од помислата дека ова ми припаѓа мене, дека само јас го заслужувам и никој друг. Среќен што сум таму каде што сум, но во исто време тоа е и голема обврска – вели Тухел за својата тренерска кариера, која почна со тренирањето на младинците (до 14 години).


Пулишиќ прв Американец со постигнат гол во полуфинале

Кристијан Пулишиќ стана првиот американски фудбалер што постигнал гол во полуфинале на Лигата на шампионите (ЛШ) и еден од вкупно четворицата Американци што постигнале голови во нокаут-фазата на ова натпреварување. Тој е и најмладиот играч на Челси што е стрелец на полуфинален меч во ЛШ (22 години и 221 дена). Дефанзивецот на Челси, Тијаго Силва (36 години и 217 дена) стана најстариот фудбалер стартер во полуфинале на ЛШ, од април 2011 година, кога Рајан Гигс (37 години и 148 дена) го почна мечот во дресот на Манчестер јунајтед против Шалке.


Бензема се израмни со Раул

Карим Бензема го постигна единствениот гол за Реал Мадрид на мечот со Челси (1-1), во првиот меч од полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите, и се искачи на четвртото место на листата на најдобри стрелци во тоа натпреварување, со 71 гол (59 за Реал Мадрид, 12 за Лион). Со тоа тој се израмни со Раул Гонзалез, поранешен напаѓач на Реал, кој исто така има 71 гол во ЛШ. Бензема постигна гол на 53 натпревари во ЛШ, на кои ефектот на Лион и на Реал Мадрид е 39 победи, 11 ремија и три порази.
Бензема првиот гол во ЛШ го постигна на дебито за Лион, во групната фаза со Розенборг, на 6 декември 2005 година, на 13 дена пред 18-от роденден. Тој постигнува барем по еден гол во сите 16 сезони, рекорд што го дели со Лионел Меси. Бензема (33 години и 129 дена) стана најстариот стрелец за Реал во полуфинале на ЛШ, соборувајќи го рекордот на Кристијано Роналдо (32 години и 86 дена).
На листата на стрелците во ЛШ, на третото место е Роберт Левандовски со 73 гола. Најефикасен е Роналдо со 134, а потоа е Меси со 120 гола.