Астон вила ќе опстане со победа над Вест хем на гости, Вотфорд зависи од Астон вила, а Борнмут од резултатите и на двата конкурента за опстанок во најсилната лига на Англија. Секако, можни се и други комбинации
Само еден од трите клуба во Премиер-лигата, Вотфорд, Астон вила или Борнмут, ќе остане во најквалитетната фудбалска лига на Англија и во следната сезона. Норич веќе е испаднат, а теоретски во понизок ранг може да се пресели и Вест хем, но тоа се граничи со сензација поради супериорната гол-разлика.
За тоа кои екипи ќе испаднат решаваат неколку работи. Секако, прво се бодовите, но во случај на ист број бодови решава гол-разликата, и ако е идентична, тогаш решаваат повеќето постигнати голови, потоа освоените бодови во меѓусебните средби или постигнатите голови на гости во меѓусебните дуели.

Ако по сѐ скорот е идентичен, тогаш би се играл еден меч на неутрален терен.
Астон вила, која е 17-та со 34 бода, в недела му гостува на Вест хем и за да остане во Премиер-лигата ќе треба да победи. Вила ќе се спаси и со реми ако Вотфорд ремизира или загуби од Арсенал. Најлошата опција е да загуби, а Вотфорд и Борнмут да победат. За Вотфорд (34 бода), кој е 18-ти, има неколку сценарија. Победа или реми кај Арсенал, со пораз на Вила, ќе значат опстанок. Можно е Вотфорд да остане во Лигата и со пораз, ако Вила загуби со два и повеќе гола, и ако Борнмут не победи. Кај Борнмут (31 бод), кој е на 19-то место, ситуацијата е најчиста. Им одговара само победа над Евертон на гости и порази на Вила и на Вотфорд. Сите мечеви в недела почнуваат во 17 часот.