Тричковски (лево) на мечот против Баер Леверкузен

Иван Тричковски во капитенска улога го постигна водечкиот гол за АЕК Ларнака во 25-та минута (во составот беше и Даниел Мојсов), но тоа не беше доволно за избегнување пораз на гости од Баер Леверкузен (2-4), втор во групата во Лига Европа (ЛЕ). Минимален, втор пораз претрпе и тимот на Бобан Николов, унгарски Види, на гости од Челси, 0-1.

Загрепски Динамо, предводен од македонскиот интернационалец во капитенската улога Аријан Адеми, ја забележа втората победа во групната фаза во ЛЕ, на гости над белгиски Андерлехт, 2-0, во јубилејниот 300. меч во европска конкуренција. Победа на гости забележа и португалски Спортинг, но без Стефан Ристовски, кој беше резерва, над Ворскла, со 2-1.

Турски Фенербахче, во чија прва постава беше Елиф Елмас, на домашен терен го совлада Спартак од Трнава со 2-0, а Арсенал (без Дејан Илиев), на гости, славеше над Карабах со 3-0.

Турски Бешикташ загуби на гости од шведски Малме, 0-2, а големи „заслуги“ за тоа има и голманот Лорис Кариус. Тој повторно прими наивен гол (првиот) и потсети на лошото издание во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), кога на голот на Ливерпул на мечот со Реал (1-3), беше виновен за два од трите гола.