Во финалето на Лига Европа, Челси го совлада Арсенал со 4-1, за петти европски трофеј (втор во ЛЕ), прв за тренерот Сари, со што стана највозрасен кормилар со ваков успех, Жиру и Педро поставија голгетерски рекорди…

Финалето на 48-то издание на Лига Европа (ЛЕ), порано Куп на УЕФА, во Баку, Азербејџан ќе се памети по неколку рекордни остварувања. Прво, Челси го освои најтешкиот трофеј (15 кг) што го доделува УЕФА победувајќи го локалниот лондонски и англиски ривал, Арсенал со 4-1. За Челси, кој е првиот победник во ЛЕ без ниту еден пораз, ова е петти европски трофеј, бидејќи има еден во ЛШ и по два во ЛЕ и во некогашниот КПК. Повеќе европски трофеи од Челси меѓу англиските клубови има освоено само Ливерпул, осум.

Менаџерот на Челси, Италијанецот Маурицио Сари, конечно стигна до првиот трофеј во кариерата и тоа како највозрасен, на 60 години и 139 дена. Неговиот колега од спротивниот табор, Шпанецот Унаи Емери, кој со Севилја три години во низа, во 2014, 2015 и во 2016-та триумфира во ова натпреварување, е рекордер според бројот на натпревари во ЛЕ, на тренерската клупа на Валенсија, Севилја, Зенит и на Арсенал (74).

Меѓу фудбалерите нова страница во историјата на ЛЕ испишаа Педро, Оливие Жиру и Еден Азар, стрелците на головите за Челси. Жиру, поранешен играч на Арсенал, сезонава постигна 11 гола во ЛЕ што е рекордна бројка. Тој, исто така, го надмина и сонародникот, славниот Жист Фонтен, како најефикасен француски фудбалер во европска сезона. Пред 60 години во дресот на Ремс, Фонтен постигна 10 гола.
Педро (31), стрелецот на вториот гол за Челси, е петтиот играч што постигнува гол во финале на ЛШ и на ЛЕ. Пред него такво нешто им успеало на Алан Симонсен, Ернан Креспо, Дмитри Алиничев и на Стивен Џерард. Педро постигна гол во финалето на ЛШ во 2011-та, за Барселона на мечот против Манчестер јунајтед, 3-1. Тој може да се пофали и со тоа дека е првиот фудбалер што покрај триумфите во ЛШ и во ЛЕ бил првак во англиската Премиер-лига, во шпанската Ла лига, светски и европски првак со Шпанија, освојувач на „кралскиот“ куп, на Суперкупот на УЕФА, на клупското СП и на ФА-купот.

Азар, пак, сезонава постигна 21 гол во сите конкуренции, најмногу за него за седумте години во тимот од „Стамфорд бриџ“. Тој е и првиот играч што постигнува два гола во европско финале за англиски клуб, по Марк Хјуз во финалето на Купот на победниците на куповите (КПК), за Манчестер јунајтед на мечот против Барселона (2-1). За голманот на Арсенал, претходно и на Челси, 37-годишниот Петр Чех, финалето беше последен меч во кариерата, по 139-те на голот на „топчиите“ и по 494-те на Челси или вкупно 140 во еврокуповите, Чех наскоро би требало да ја преземе улогата на спортски директор во Челси. 


НАЈМНОГУ ТРОФЕИ ВО ЛЕ
Севилја 5
Ливерпул 3
Јувентус 3
Интер 3
Атлетико (М) 3
Борусија (М) 2
Тотенхем 2
Феенорд 2
Гетеборг 2
Реал Мадрид 2
Парма 2
Порто 2
Челси 2


Илиев, Ѓуровски, Стојковски…

Македонскиот репрезентативец, голманот Дејан Илиев, беше меѓу 23-та фудбалери на Арсенал на финалниот меч против Челси во Лига Европа (ЛЕ) и го доби медалот наменет за играчите на финалистот. Ниту еден фудбалер од Македонија досега нема триумф во ова натпреварување или во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК). Во ЛЕ (порано Куп на УЕФА) до финале стигнаа, на пример, браќата Милко и Бошко Ѓуровски со Црвена звезда во 1979 година, а во КПК Митко Стојковски со Штутгарт во 1998 година. Во Лигата на шампионите (ЛШ) тројца македонски фудбалери ја освојувале титулата првак на Европа. Тоа се Дарко Панчев и Илија Најдоски во дресот на Црвена звезда, 1991-та и Горан Пандев со Интер во 2010 година.