Во моментов највисока откупна клаузула во Шпанија има напаѓачот на Реал, Карим Бензема, од една милијарда евра

Барселона зимава го ангажира 20-годишниот фудбалер на португалската Брага, Франсиско Тринкао, за 31 милион евра. Шпанските медиуми Тринкао го нарекуваат новиот Роналдо, а Барса, на која тој ќе ѝ се придружи во јули, веднаш одреди откупна клаузула од половина милијарда евра.
– Тој е брз, технички надарен фудбалер со визија и е одличен асистент. Може да игра на сите позиции во нападот, иако е класично крило, со подобра лева нога. Тој има и дриблерски вештини и квалитети со кои лесно ги минува противничките дефанзивци – гласи описот на Барса за Тринкао.

Тринкао сезонава беше еден од клучните играчи на Брага, постигна три гола, плус шест асистенции на 21 натпревар. Тој ѝ помогна на Брага да го освои португалскиот Лига-куп, првиот трофеј по пауза од четири години.

Во шпанскиот фудбал, по правило, секој играч има парична клаузула во договорот, иако таа не се активира секогаш при трансферите. Понекогаш таа значи предност, но може да биде и минус за клубовите во преговорите. Со зголемување на сумите за трансфери, најверојатно ќе продолжат да растат и откупните клаузули. Сумата за откуп што ја одреди Барса за Тринкао е одраз на растечката, инфлаторна трансфер-состојба и на фактот дека тој е млад (20 години) и оти потпиша петгодишен договор.
Во моментов највисока откупна клаузула во Шпанија има напаѓачот на Реал, Карим Бензема, од една милијарда евра. Зад него е Антоан Гризман од Барса, со 800 милиони. Реал за Лука Модриќ и за Брахим Дијаз одреди суми од по 750 милиони.

Откупната клаузула на првата ѕвезда на Барса, Лионел Меси, е 700 милиони евра, како и на Винишиус јуниор, на Иско и на Марко Асенсио од Реал. Идентични 500 милиони евра, како и за Тринкао, се откупните клаузули на Жерар Пике, Серхи Роберто, Серхио Бускетс (Барса), Герет Бејл, Тони Крос и на Дани Себалос (Реал). По 400 милиони евра се „проценети“ Осман Дембеле, Филипе Кутињо, Артур и Френки де Јонг (Барса).