Французинот Зинедин Зидан предводел тим во три меча за европската титула, две финалиња има Шпанецот Пеп Гвардиола, а по едно Аргентинецот Маурисио Почетино и Германецот Томас Тухел. Тимовите што ги предводат, Реал Мадрид, Манчестер сити, Пари сен Жермен и Челси, се во полуфиналето сезонава

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Како ретко кога полуфиналистите во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал сезонава, Реал Мадрид (Шпанија), Манчестер сити (Англија), Пари сен Жермен (Франција) и Челси (Англија), имаат тренери што досега веќе предводеле екипи во финалето на елитното клупско натпреварување. Најискусен е Французинот Зинедин Зидан (48) со три финалиња, две има Шпанецот Пеп Гвардиола (50), а по едно Аргентинецот Маурисио Почетино (49) и Германецот Томас Тухел (47). Минатата сезона, на пример, четворицата тренери во полуфиналето немаа ниту едно финале дотогаш, една сезона пред тоа само еден, во сезоната 2017/2018 тројца, пред тоа двајца итн.
Зидан, кормиларот на Реал Мадрид, е најтрофеен меѓу нив, со три освоени пехари како тренер, токму со „кралскиот клуб“. Два трофеја освои тренерот на Манчестер сити, Гвардиола, двата со Барселона. Двајцата имаат титули во ЛШ и како фудбалери, Зидан со Реал Мадрид во 2002 година, а Гвардиола со Барселона во 1992 година. Почетино, тренерот на ПСЖ, го предводеше англискиот Тотенхем во финалето на ЛШ во 2019 година, а тоа го направи и тренерот на Челси, Тухел, со ПСЖ во минатата сезона.

Зидан има шанса да стане најтрофејниот тренер во ЛШ. По три титули како тренери освоиле и Англичанецот Боб Пеисли (со Ливерпул) и Италијанецот Карло Анчелоти (две со Милан и една со Реал Мадрид). Зидан е единствен кормилар со три титули во низа (2016, 2017 и 2018 година) и може да стане петтиот тренер што водел тим во четири финалиња, по Анчелоти, Марчело Липи, Мигуел Муњоз и Алекс Фергусон.
Гвардиола со титула сезонава може да им се приклучи на најтрофејните тренери, да стане најуспешниот шпански кормилар во ЛШ (по два пехара имаат Хозе Вилалонга, Мигуел Муњоз и Висенте дел Боске, сите тројца со Реал Мадрид) и да биде шестиот тренер со триумф во ЛШ со два клуба (таков успех имаат Анчелоти, Австриецот Ернст Хапел со Феенорд и со Хамбургер, Германецот Отмар Хицфелд со Борусија Дортмунд и со Баерн, Португалецот Жозе Мурињо со Порто и со Интер и Германецот Јуп Хејнкес со Баерн и со Реал Мадрид).
Почетино, пак, може да стане третиот Аргентинец и трет тренер воопшто што не е од Европа со освоен трофеј во европската Лига на шампионите. По два трофеја во ЛШ имаат Луис Карниља со Реал Мадрид во 1958 и во 1959 година и Хеленио Херера со Интер во 1964 и во 1965 година.

Тухел со титула во ЛШ сезонава ќе биде седмиот тренер во Германија со таков успех во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување и би бил трет во низа од таа земја, откако титулата лани ја освои Ханс-Дитер Флик со Баерн, а една година пред тоа Јирген Клоп со Ливерпул.
Во полуфиналето ќе играат Реал Мадрид – Челси и Пари сен Жермен – Манчестер сити (првите мечеви се предвидени за 27 и за 28 април, а реваншите за 4 и за 5 мај).