Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, еден од набљудувачите на УЕФА, вели дека „градењето акции од назад, минување низ третините на теренот и притискањето навистина високо во противничката половина“ е стратегија што носи ризици, но и награди, пишува УЕФА, во анализата по рекордната сезона според просекот на голови, но и сезона со највисок просек на потребно време и додавања да се заокружи една акција со гол

АНАЛИЗА НА УЕФА ЗА МИНАТАТА СЕЗОНА НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Минатата сезона во Лигата на шампионите (ЛШ) донесе рекорден број голови по натпревар и тренд на фудбал со голем ризик и со големи награди, сумиран од победникот, Баерн, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) објавувајќи го техничкиот извештај за ЛШ, со детална анализа за сезоната 2019/2020. УЕФА си постави задача да извлече заклучоци од поплавата од голови и од напливот на драматичност, а извештајот служи како платформа за анализа на тактичките и на техничките перформанси на тимовите, како и да развие дискусија за значајните трендови.
Бројот на постигнати голови беше 386 на 119 натпревари, во просек 3,24 по натпревар. Вкупниот рекорд е од пред две сезони, со 401 гол, но просекот е најголем досега, оти беа одиграни 119 меча, наспроти стандардните 125, поради играњето формат со по еден дуел од четврт-финалето, поради пандемијата на коронавирусот.
Од сите голови во минатата сезона 42 отсто биле постигнати во последните 15 минути од секое полувреме, на 20 меча биле постигнати решавачки голови од 75-та минута…, пишува во извештајот на УЕФА.
Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез, еден од набљудувачите на УЕФА, вели дека „градењето акции од назад, минување низ третините на теренот и притискањето навистина високо во противничката половина“ е стратегија што носи ризици, но и награди. Ниту еден тим не постигна подобра рамнотежа од Баерн и во извештајот има детално интервју со тренерот Ханси Флик, кој споделува како го постигнале тоа.

Анализата на бројот на головите во извештајот ја истакнува важноста на нафрлувањата и додавањата со неочекувана промена на правецот на топката, што донесе 29,3 отсто од сите постигнати голови, како и намалувањето на бројот на голови директно од слободен удар, на само еден, пишува УЕФА. На тимовите, во споредба со претходните сезони, им било потребно во просек повеќе време со топката (13,1 секунди) и повеќе додавања (4,24) пред да постигнат гол од моментот кога ја освоиле топката (сезоната пред тоа беше рекордната со 12,5 секунди, а од аспект на додавањата тоа беше сезоната 2017/2018 со 4,03).
Извештајот вклучува илустрации на стратегиите за пресинг на различни тимови, со фокус на финалистите Баерн и Пари сен Жермен, заедно со уште три тима што стигнаа до четврт-финалето: Аталанта, Лајпциг и Манчестер сити.

Генерално, загубените топки беа извор на 217 удари и 30 погодоци во текот на сезоната 2019/2020. Со оглед на тоа што ова беше прва сезона по променетото правило за изведување гол-аут, со што се овозможува топката да се додаде на соиграч во шеснаесетникот, извештајот нуди мапи со дистрибутивните обрасци на голманите и истакнува дека Мануел Ноер од Баерн шутирал во противничката половина само еднаш. И покрај факторот на ризик, шест гола биле пристигнати по почеток на акцијата со кратко додавање од гол-аут.

Другите опфатени теми се зголемениот број тимови што распоредуваат тројца фудбалери во одбрана, потоа плејмејкерската улога на бековите и влијанието на уникатниот формат со по еден меч од четврт-финалето, на турнирот во Лисабон, како и длабока статистика за разни категории (на пример, најголем просечен посед на топка на натпревар имал Ливерпул, 67 проценти).