Бранителот на титулата во Премиер-лигата, Ливерпул, во еден ден ги ангажира Тијаго Алкантара и Диого Жота, за 70 милиони фунти, а Тотенхем го врати Герет Бејл. Преодниот рок трае до 5 октомври

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Со приближувањето на крајот од годинашниот летен преоден рок, на 5 октомври, премиерлигашите ги интензивираа трансфер-активностите, иако во почетокот се жалеа дека поради пандемијата на ковид-19 и намалените приходи ќе ја редуцираат купопродажбата на фудбалери. Челси на неколку играчи, како Тимо Вернер, Каи Хаверц, Бен Чилвел и други, вложи околу 200 милиони фунти. По стапките на Челси тргна бранителот на титулата Ливерпул, кој само за еден ден направи три трансфери. Ги ангажира Тиаго Алкантара од Баерн и Диого Жота од Вулверхемтон за околу 70 милиони фунти, а го продаде Ки-Јана Ховер на Вулверхемтон за 10 милиони фунти. Од таборот на „црвените“ стигнуваат најави за нови трансфери во наредните денови, главно продажно ориентирани. Не е исклучено Ливерпул да ангажира уште некој играч, а приоритет е центархалф.

Двата клуба од Манчестер, Сити и Јунајтед, не беа (пре)многу активни летово. Манчестер сити ги ангажира Натан Аке од Борнмут за 40 милиони и Феран Торес од Валенсија за 20 милиони фунти, а на Баерн му го продаде Лирој Сане за 45 милиони фунти. Манчестер јунајтед се засили само со Дони ван ден Бек од Ајакс (35 милиони фунти), но замина Алексис Санчез, кој по позајмувањето остана во Интер.
Се чини дека добра зделка направи Тотенхем, кој на заем од шпанскиот Реал Мадрид го зеде својот поранешен играч Герет Бејл. Покрај Бејл, Тотенхем ангажира уште ден играч од Реал, Серхио Рехалјон, за 28 милиони фунти. Од поатрактивните трансфери во Премиер-лигата е и оној на Хамес Родригез, од Реал Мадрид во Евертон, за 22 милиони евра.