Пандемијата на коронавирусот ги затвори стадионите во Англија така што ќе изостане гледањето натпревари во живо на Боксинг деј, кои традиционално се играат од 1888 година, досега биле одиграни вкупно 3.722 меча, најмногу, 104, одиграл ВБА, кој го одиграл и првиот пред 132 години

Во драстично изменети околности предизвикани од пандемијата на ковид-19 и многуте забрани, денеска, на Боксинг деј, или денот по Божиќ (по грегоријанскиот календар) традиционално во Велика Британија, меѓу другото, се играат и фудбалски натпревари.
Играњето фудбалски мечеви на тој ден има долга традиција, која почнува во 1888 година со мечот ВБА – Престон Норт енд (0-5) во првата фудбалска сезона во Англија. Оттогаш, според Здружението на фудбалски статистичари „11-11“, на Боксинг деј во англиската фудбалска лига биле одиграни вкупно 3.722 натпревари.
Најуспешен тим на тој ден е Манчестер јунајтед, кој одиграл 95 натпревари и освоил 170 бода, со ефект од 51 победа, 17 ремија и 27 порази, и вкупна гол-разлика 193-138. Втор на таа табела е Ливерпул со 154 бода, кој на 90-те меча победил 43 пати, ремизирал 25, а бил поразен 22 пати, со вкупна гол-разлика 146-85. Најмногу натпревари на Боксинг деј одиграл ВБА, вкупно 104, а Астон вила и Вулверхемтон по 100 меча.

Пандемијата на коронавирусот ги затвори стадионите во Англија така што ќе изостане гледањето натпревари во живо, кога посетеноста е на највисоко ниво. Големите локални дербија вообичаено не се закажуваа на Боксинг деј, бидејќи и онака беа многу посетувани, а и за да се избегнат поголеми собирања по градските улици и плоштади во празничната и весела атмосфера. И постои правило секој клуб, доколку гостува на Боксинг деј, да игра дома на Нова година.
Денеска во 15-то коло во Премиер-лигата на програмата се дуелите Лестер – Манчестер јунајтед, Астон вила – Кристал палас, Фулам – Саутемптон, Арсенал – Челси, Манчестер сити – Њукасл, Шефилд – Евертон. Утре се среќаваат Лидс – Барнли, Вест хем – Брајтон, Ливерпул – Вест Бромвич албион и Вулверхемптон – Тотенхем. 


На пет меча 44 гола

Од натпреварите одиграни на 26 декември има пет незаборавни натпревари на кои биле постигнати дури 44 гола. Станува збор за натпреварите Арсенал – Њукасл 7-3 во 2012 година, Тотенхем – Рединг 6-4 и Челси – Астон вила 4-4 во 2007 година во овој век, а од минатиот милениум се издвојуваат натпреварите Њукасл – Тотенхем 7-1 во 1996 година и Манчестер јунајтед – ВБА 3-5 во 1978 година.