Жозе Мурињо и Тотенхем ќе дојдат во Македонија на дуел со Шкендија, во рамки на третото коло од квалификациите за фудбалската Лига Европа.

Шкендија славеше на гостувањето кај романски Ботошани со 1-0, со голот на Бесарт Ибраими во втората минута. Тетовци го задржаа водството и покрај тоа што во 67-та минута останаа со десетмина на теренот по исклучувањето на Арменд Алими.

Тотенхем, пак, со пресврт го совлада бугарски Локомотив Пловдив, со 2-1 на гости. Англискиот клуб губеше со 0-1 од 71-та минута, но постигна два гола преку Хари Кејн од пенал во 80-та минута и Танги Н’Домбеле во 85-та минута, откако Локомотив доби два црвени картона.

Останатите македонски претставници го завршија учеството во натпреварувањето. Ренова беше поразена од Хајдук Сплит со 0-1, додека Силекс загуби од косовска Дрита со 0-2.

Шкендија ќе го пречека Тотенхем следниот четврток, во мечот од претпоследното квалификациско коло за Лига Европа.